Пократко работно време, повисоки плати
» На денешен ден 1914 година Хенри Форд го изненади светот објавувајќи дека место дотогашните 2,34 долари за 9 часа, ќе ги плаќа работниците по 5 долари (денешни 150 долари со пресметана инфлација) за осум часа работа дневно. Тоа ги збесни капиталистичките кругови низ Америка кои не може да сфатат зошто Хенри Форд се откажува од својот профит – проценката беше 10 милиони за тековната 1914-тата. Но потегот на Хенри се покажа исклучително профитабилен – Ford за две години го зголеми профитот од 30 на 60 милиони долари бидејќи работниците беа мотивирани подобро да работат. Компанијата успеа да ги собере најдобрите луѓе кај себе, кои со својата стручност ја зголемија продуктивноста и ги намалија времето и трошоците за обука. Треба да се знае и дека не секој го доби ова покачување – тоа им следуваше само на оние кои работеа подолго од шест месеци во компанијата, не пиеја, не се коцкаа и не правеа проблеми дури ни во слободното време. Беа ангажирани и 50-тина истражители кои проверуваа дали работниците се придржуваат на наметнатите морални стандарди. Во тоа време во Ford работеа околу 25.000 луѓе.
Зголемувањето на платите имаше и домино ефект – целата индустрија мораше да го следи потегот на Хенри Форд бидејќи ќе останеше без луѓе. Со тоа, пак,работниците станаа платежно поспособни и можеа да си дозволат да купат автомобил, Model T секако, чија цена од 525 долари во 1913-тата се намали на 440 наредната, на 390 во 1915-тата и на 345 во 1916 година. Истовремено продажбата растеше и од 170 илјади во 1913-тата се искачи на половина милион три години подоцна.