Porsche за домаќинки
» Овој модел со култен статус за Volkswagen ниту е дизајниран, ниту конструиран, ниту пак произведуван од компанијата од Волфсбург, но сепак претставува интегрален дел од нејзината историјата, За неговото настанување се заслужни исклучиво Karmann и Ghia, заради што, покрај официјалната VW ознака Typ 14, ги носи и нивните имиња. Идејата за него се раѓа на почетокот на ’50-тите години кога Луиџи Сегре се посвети на проширувањето на интернационалната репутација на Ghia, а Вилхелм Карман чија семејна фирма тоа време ја произведуваше кабриолет верзијата на Буба сакаше да го зголеми обемот на соработката со Volkswagen.
Ова купе во чие креирање учествуваа повеќе дизајнери од италијанската каросерница едноставно го одушеви раководството на компанијата од Волфсбург, кое веќе некое време размислуваше за спортски модел кој би го зголемил имиџот на марката. Беше дадено зелено светло за негово производство и моделот беше претставен на денешен ден 1955 година, но не наиде на позитивни оценки од медиумите, кои го нарекуваа „Porsche за домаќинки“ и „пародија на брз автомобил“ заради слабиот 1,2 литарски 30-коњски мотор од Буба. Но, купувачите не мислеа така – за 19 години беа продадени 466.856 примероци. За сето тоа време, освен посилните мотори кои се вградуваа и додавањето на кабриолет верзијата, остана виртуелно непроменет. Се произведуваше во Германија, Швајцарија и Бразил, а најдобро се продаваше во Америка каде беше пласирано околу 60 отсто од производството на Karmann.