Tags:
Корона криза

Тест за општествената одговорност на автомобилските увозници

» Велат, на маката се познаваат јунаците. Сега нашата држава се соочува со мака која го погоди целото општество. На браникот први се најдоа здравството, па потоа и останатите институции и служби кои се неопходни за функционирање на државата – здравствените работници, полицијата, војската, пожарникарите, медиумите, комуналните служби, сите тие се на првите линии на фронтот. Тие се тука, за општеството успешно да го совлада опасниот вирус, иако и многу побогати и поорганизирани општества од нас не се димензионирани за опасност од вакви размери. Затоа, токму на тие служби, им беше и сé уште им е потребна несебична помош и солидарност од сите субјекти. Треба да им помогнеме за да можат да ни помогнат. За адресирање на заслугите ќе се погрижиме откако дефинитивно ќе го обезбедиме здравјето на нацијата. Но сé дотогаш економските субјекти ќе мора да покажат барем минимални дози на општествена одговорност.

За жал, не сите, барем кога се работи за авто-увозниците, се однесуваат како што тоа го налага моментот. Особено не така како што доликува на компании кои живеат од домашните купувачи, компании кои исто така добро профитираат и од нашите заеднички пари. Јасно, тука се мисли на тендерите кои ги добиваат од институциите, а се плаќаат од државната каса. Во кризни ситуации доаѓа до израз карактерот на економскиот субјект. И веднаш во очи паѓа еден факт – компаниите во кои доминира домашниот капитал реагираа без многу задршка, некои од нив можеби и над своите можности, без калкулации и скриени или условени агенди. Идејата не е да ги именуваме компаниите кои донираа свои средства или пак возила. Воопшто! Длабоко сме уверени дека и тие самите не го сакаат тоа. Всушност, фирмите донатори ги соопштија примателите, а ниту во еден случај не се експонираа тие самите.

Од друга страна, разочарувачки делува однесувањето на компаниите со доминантен странски капитал, кои по правило се поситуирани од домашните. Добро ги знаеме кои се – ги има германски, бугарски, грчки… Според нивно сопствено тврдење тие се тука за остварување профит, а не за трошење пари. Сé до тука работата е кристално јасно, но повеќе од сигурни сме дека на првиот тендер тие најбрзо ќе реагираат, со голема извесност да ја добијат работата. Таква е економската логика, ќе ви потврдат од службите задолжени за организирање на тендерите, иако нема да ни биде сé едно што се така поставени работите – во капиталистичките бизнис-релации нема многу емоции. Парите и профитот се светост. Но дури и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека борбата против пандемијата на коронавирусот е еден голем „тест за хуманост“. Секако дека е во право.

Се надеваме дека бргу ќе ја добиеме битката со опаката болест, но што е исто така многу важно, како општество ќе знаеме и да извлечеме поуки. Во најмала рака ќе бидеме поискусни за сознанието кој и како се однесуваше за време на големата криза.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *