Најкарактеристични патишта во светот
» Со појавата на моторните возила светот на тркала забрзано тргна напред. Се создаде голема мрежа асфалтирани патишта кои овозможуваат брзо патување, но во некои кошиња на светот сé уште има потреба за каков било пат. Затоа и денес на земјината топка некаде се среќаваат најквалитетни патишта, а некаде сé уште се користат оние направени пред векови. Ова се само некои од најкарактеристични досега изградени патишта во светот – најдолги, најпрометни, најсмртоносни…
Германскиот аутобан
Нашироко низ светот познат како аутобан, германските автопатишта се најбрзи во светот. Специјално се градени да бидат проточни и брзи. Дебелината на асфалтот им изнесува 70 сантиметри а содржат и посебен слој отпорен на замрзнување. Се проектираат да траат 40 години, а на нив е забрането да влезе сé што вози бавно. Строги се казните и за било какво застанување – затоа и на нив не смеете да останете без гориво. Тоа во комбинација со сообраќајната дисциплина на Германците ги прави најбезбедни во светот иако на 52% од целата мрежа која се протега на 13.000 километри нема никакво ограничување на брзината. Најголемата легално постигната брзина, во редовен сообраќај, е забележана во 2021 година со Bugatti Chiron и изнесува 417 km/h.
Теоретски најбрзите патишта
Бидејќи официјално немаат ограничување на брзината, покрај во Германија автопатиштата во Непал, државите Утар Прадеш и Керала во Индија и на островот Ман теоретски би можеле да се сметаат како најбрзи во светот. Сепак треба да се знае дека таму всушност нема автопатишта, а со тоа и потреба од поставување ограничување на брзината. Како куриозитет во Непал може да се наведе и тоа дека таму и во град и надвор од него брзината е ограничена на истите 80 километри на час. Чудните работи за оваа земја не завршуваат тука – на пример знакот стоп го има истиот облик како и кај нас, но на него не пишува ништо. Највисокото ограничување пак било кога поставено беше на два автопати во Обединетите Арапски Емирати – 160 km/h. Интересен факт е дека со зголемувањето на дозволената брзина од 140 на 160 km/h, сообраќајните несреќи се намалија скоро за една третина. Уште поинтересен факт е и тоа дека порано во оваа земја законски беше дозволено пречекорување на брзината до 20 km/h на сите автопатишта од онаа означена на сообраќајните знаци.
Најскапиот автопат
Сообраќајното решение Биг Диг во Бостон е најскапиот автопатски проект во историјата. Првично проценет на 2,8 милијарди долари, неговата вредност се искачи дури на 14,8 милијарди американски долари а ќе расте до 22 милијарди до 2038 година кога ќе се исплатат каматите на земените кредити за него. Се состои од серија автопати, тунели, надвозници и клучки низ централното подрачје не Бостон но и железничко поврзување на двата главни терминали во градот. Се градеше 15 години, а го следеа низа контроверзии, одложувања па дури и криминални дејствија. Сепак со него просечното време на патување низ централното градско подрачје во попладневниот шпиц е намалено за 85,6% што носи годишни заштеди од 166 милиони долари.
Најсмртоносниот пат
Оваа мрачна титула ја носи старата делница на патот Јунгаш кој ги спојува Боливија и Амазонија. Долга 64 километри и широка едвај три метри, се проценува дека на неа годишно гинеа околу 200 до 300 патници. Патувајќи по Андите, патот води од градот Ла Паз кон регионот Јунгаш. Се искачува до 4.650 метри над морето, а на крајот се спушта на 1.200. За разлика од другите патишта во Боливија на него се возеше по левата страна за да можат возачите полесно да го контролираат растојанието на надворешните тркала од работ на патот. Заменет со современ асфалтиран пат, сега оваа делница е резервирана за адреналиски велосипедизам.
Најдолгиот автопат
Автопатот Пан Американ со должина од околу 30.000 километри преку Канада, Мексико, Гватемала, Ел Салвадор, Хондурас, Никарагва, Костарика, Панама, Колумбија, Еквадор и Перу ги спојува Алјаска и Чиле и понатаму води до Аргентина. Тој всушност претставува систем мрежни автопатишта. Сепак не е целосно поврзан бидејќи околу осумдесеттина километри од тешката делница кај Дариенскиот расцеп меѓу Панама и Колумбија полна со мочуришта и шуми можат да се поминат само со теренско возило.
Најпрометниот пат во Северна Америка
Автопатот 401, познат и како автопатот Мекдоналд-Картие, е најпрометниот автопат во Северна Америка со 440.000 возила кои секојдневно поминуваат по некои негови делови. Долг е 828 километри и ги поврзува јужниот, централниот и источниот дел на Онтарио, Канада. Започна да се гради во 1938-мата, а е комплетиран триесет години подоцна.
Најширокиот пат во светот
Со 26 ленти на одредени делови кај западната страна на Хјустон, Тексас, автопатот Кети кој го носи официјалниот назив меѓудржавен пат 10, е најширокиот во светот. Опслужува околу 220.000 возила дневно. Од него е поширока само делницата кај наплатната рампа за патарина кај Пекинг од автопатот што го поврзува главниот кинески град со Хонг Конг, која има по 25 ленти во секоја насока, значи вкупно 50.
Највисокиот асфалтиран пат
Автопатот Каракорум е највисокиот асфалтиран пат во светот. Ги поврзува Кина и Пакистан и се протега низ три планински региони – Хималаите, Каракорум и Памир, а на еден свој дел се среќава и со реката Инд. Долг е 1.300 километри, а највисоката негова точка се искачува на 4.714 метри надморска височина. Започна да се гради во 1966 година, а беше готов во 1979-тата. Во неговата изградба загинаа повеќе од илјада луѓе.
„Најопседнатиот“ пат во светот
Главната сообраќајна артерија во Хонг Конг, патот Туен Мун кој е долг 19,4 километри, се смета за „најопседнат“ пат во светот. Причината се бројните несреќи случени заради чудни причини, што народот го толкува со тоа дека овој пат е опседнат со духови. На пример во 2013 година една завртка заглавена во површината на патот ги продупчи тркалата на околу 50 тешки возила, од кои две третини автобуси. Инцидентот, за среќа без повредени и жртви, предизвика 3-часовен сообраќаен метеж и делумно затворање на патот.
Најчудниот пат во светот
Настанат од мака, тунелот Гуолианг во Кина дефинитивно е најчудниот пат во светот. Долг е 1,2 километри, широк 4 метри и е изграден од 13 жители на истоименото селото со цел да го поврзат своето живеалиште со надворешниот свет. Тие со примитивни рачни алатки ги имаат дупчено и длабено стрмните литици на планината Таиханг, напредувајќи по еден метар на секои три дена.