Дизел моторите постепено замираат, дали на ред ред ќе дојде и егзекуција на бензинците?
» Сведоци сме на една транзиција после која на крајот се возиме само со електрични возила. На почетокот беше приказната со ограничените ресурси на фосилните горива, потоа бевме сериозно заплашувани со ширење на озонската дупка, за да сега, под плаштот на екологијата, ни биде пласиран единствениот излез – електричните автомобили! Зад ова сценарио застанаа најеминентните светски научни институции и нé убедија во неговата вистина.
Во меѓувреме, некои дисиденти од нивните редови кои во моменти на напад на искреност (или основана грижа на совест) ги демантираа овие тврдење (со печат на научни сознанија), за да потоа истите тие научници културно (или брутално) бидат замолчени. Како и да е, сценариото за редистрибуција на енергетските ресурси продолжува.
За што всушност станува збор? Кога светот еднаш ќе се ослободи од зависноста на нафтените резерви, кои, нели, секогаш се наоѓаат во „погрешни“ раце, ќе се понуди спасоносното решение – слободен пласман на електрична енергија. Во тој момент на сцена стапува високата технологија, односно електричната енергија, од што и да е добиена Автомобилите задвижувани од неа ќе бидат логична последица на тоа одлично замислено сценарио.
Како до таа цел?
Првата фаза во актуелизирање на емисијата на штетни гасови од возилата, ја видовме. Воведувањето на сé построги еколошки норми од страна на меѓународните регулаторни комисии ги доведоа производителите до ситуација да мамат со податоците. Резултатот е очигледен: дизел моторите се (полу)мртви! Не е тешко да се претпостави и судбината на бензинските мотори. Алтернативата ни се нуди во облик на целосно електрични возила. И на ова поле главниот збор ќе го водат исклучиво високо развиените држави.
Не станува збор за погонот измислен уште од генијалниот Никола Тесла, туку за производството на неопходните батерии. Во играта со електромобилноста сега се вклучени речиси сите релевантни играчи. Сведоци сме на наплив на возила на струја, а објавените планови говорат за целосна електрификација која би требало да се случи помеѓу 2025 и 2030 година.
Што велат Германците?
Во Германија моментално има преку 50 милиони регистрирани возила. Уште поважен е фактот што германските автомобилски производители се едни од најмоќните во светот. Нивната технолошка гордост по инерција ги натера да се впуштат во развој на електричните автомобили. Отидоа до таму да неколку градови веќе воведоа забрана на постарите дизели да возат низ загадените градски квартови. Но сега како рачната сопирачка да е крената, барем така може да се сфати ретерирањето од тврдите зелени позициии. Па побогу, во вкупната емисија на штетните гасови автомобилите учествуваат со едвај дваесетина проценти. Зарем е тоа причината да се унакази германската автомобилска гордост која се гради и негува уште од 1886 година?!
Реакцијата веќе е подготвена – во најновата понуда сé уште се вклучени возила со дизел мотори, меѓу кои има и целосно нови продукти. Ова е битката од која нема враќање назад – или прифаќање на поразот или продолжување на борбата за производство на автомобилите кои ги сака целиот свет. Останатите големи автомобилски нации, со мала задршка, го чекаат епилогот, но и нивниот одговор е на иста линија со Германците. Од друга страна Јапонците сé уште тврдоглаво ги фаворизираат своите хибридни погони.
Го убиваат ли електромобилите меракот?
Интересна е теоријата која вели дека високата цена на електро-автомобилите ќе биде заменета со колективен превоз. Дали тоа значи дека индивидуалната мобилност ќе биде привилегија само на одредена каста? Ако се погледнат досегашните мерки на регулаторите кои се сé построги кон емисиите на гасови, ограничувањето на брзините и, секако, воведувањето на автономните способности, станува јасно дека меракот за возење постепно ќе биде пригушуван.
Што можеме да очекуваме?
Дали на зацртаната глобална стратегија некој може да и застане на пат? Во моментов ситуацијата изгледа губитничка. На вешто поставените стратегиски стапици се фатија сите релевантни производители. „Протерувањето“ на Volkswagen од американскиот пазар помина со неочекувано млаки реакции од конкурентите. Тука пред сé мислиме на Јапонците кои се понадеваа дека ќе го заземат неговото место. Но, планот насочен против класичните мотори го почуствуваа сите. Никој во Америка не сака да пазари дизели, а во Европа продажбата на возила со вакви мотори драматично опаѓаат.
Кинезите како најголем светски пазар никогаш и не го „мирисале“ многу дизелот, преферирајќи бензин и постојано интензивирајќи ја работата на алтерантивни погони. Звучи легитимно и логично да ја поставиме дилемата за нивното влијание во преферирањето на новите технологии. Чудно некое совпаѓање на американските и кинеските интереси! Сепак конкретниот германско-француско-јапонски одговор, во облик на нови генерации на мотори со внатрешно согорување, веќе е подготвен.
Без дилеми, нé очекува бурна и неизвесна автомобилска иднина!