Не се штеди на моторно масло
» Подмачкувањето е како крвоток на моторот, но сепак многумина штедат на маслото. Штетно е да се купување поевтино – користењето несоодветно (минерално или полусинтетичко наместо синтетичко), односно моторно масло од непознат производител со дискутабилен квалитет, како и неменувањето на филтерот при секоја замена на маслото или пак користење евтин заменски филтер место оригинален или од позната марка. Уште поштетно е да се пречекоруваат интервалите за замена на маслото и да не се контролира неговото ниво односно досипува по потреба. Има и такви кои сметајќи дека главно возеле со помали оптоварувања на моторот, го процедуваат маслото и го враќаат назад.
Штедењето или немарноста кога маслото е во прашање посебно е штетна за деловите во горниот дел на моторот, од кои кога тој ќе се изгаси, маслото ќе се исцеди. Кај нив после стартувањето на моторот е потребно одредено време да се воспостави потребниот притисок на маслото и тоа да стигне до сите лизгачки контакти кои се подмачкуваат. Затоа, заради дотраеност, недостаток, нечистотија или губење на вискозноста на маслото, нивното трошење се забрзува. Најзагрозени се ланецот и ланчаниците на разводниот механизам и системот за подесување на фазите на вентилите ако моторот го има, кој може да се блокира. Влошувањето на подмачкувањето е погубно и за брегастите оски и контактните плочки на подигнувачите, односно клацкалките и полуклацкалките.
Падот на притисокот, стареењето и загадувањето на маслото, користењето полусинтетичко и посебно минерално масло место 100% синтетичко, е смрт за турбо моторите бидејќи турбо компресорот се подмачкува и лади со моторното масло. Температурите на турбинската страна кај дизелите достигнуваат 850, кај бензинските 900 а кај моторите на спортските автомобили при полно оптоварување и до 1.000° C. Во такви услови лесно доаѓа до прегорување и пукање на маслениот слој во лежиштата, што предизвикува ужарено-суво триење и локално прегревање. Тоа е и причината заради која е штетно турбо моторот да се изгаси веднаш после големи оптоварувања и зошто некои препорачуваат старт-стоп системот да се исклучи. Заради тоа, важно е моторното масло редовно да се контролира и по потреба досипува.
Неколку корисни совети:
- во ниеден случај не пречекорувајте го пропишаниот интервал за замена на моторното масло и заедно со него секогаш менувајте го и филтерот
- ако често возите низ град, маслото и филтерот менувајте ги после 10.000 km, без оглед на препораките на производителот
- нивото на масло контролирајте го на две недели, кај постарите мотори секоја недела, а ако пак возилото има електронски покажувач на нивото на масло, тогаш еднаш месечно проверете го рачно
- најдобро е нивото на масло да се проверува наутро пред стартување на моторот, кога сето масло се има исцедено во картерот, а автомобилот треба да биде на рамна подлога
- кај турбо моторите задолжително користете 100% синтетичко масло кое се препознава по долната граница на вискозност од 0W или 5W
- нивото на моторно масло проверувајте го и кај новите автомобили кои сé уште се под гаранција
- досипете масло кога нивото ќе падне на половина меѓу ознаките min и max, но не преку max ознаката
- штетно е и премногу масло – страдаат катализаторот, ламбда сондата и филтерот за цврсти честички