Автомобилот што го спаси Volvo
» Втората половина од седумдесеттите години целата автомобилска индустрија се соочуваше со проблеми. При пребродувањето на нафтената криза се загуби патоказот за иднината која секој се обидуваше да ја најде на свој начин. Volvo плус имаше мака со квалитетот на серијата 200, чие производство беше прескапо. Иако беше јасно дека на компанијата ѝ треба репрезентативни модел, беше доста тешко да се предвидат барања кои купувачите ќе ги имаат во наредниот период. Заради тоа се пристапи кон детална и сеопфатна анализа на пазарот од која се заклучи дека клучните насоки за развој на новиот автомобил треба да се базираат на издржливоста, пространоста, перформансите и дизајнот.
Ако за првите три беше јасно што и како треба да се направи, за дизајнот се кршеа копја. Повеќето во компанијата сакаа класичен седан, но некои заговараа комби-купе верзија. Беа предложени преку 50 различни дизајни, а конечната одлука ја даде финансиското одделение кое побара автомобил со едноставни рамни линии и остри агли заради намалување на трошоците за производство. Швеѓаните планираа да го подготват новиот автомобил за салонот во Франкфурт 1981-вата, но не стигнаа и тој се појави во февруари наредната година. Јавноста беше запрепастена од коцкаскиот облик кој штрчеше во морето заоблени автомобили, но факт беше дека новиот уникатен и препознатлив Volvo од серијата 700 имаше маркантна појава.
Техничката подлога, повторно заради намалување на трошоците, со благи модификации беше презедена од серијата 200. Вложениот инженерски труд резултираше со удобно возење, а посебно внимание беше посветено на издржливоста – прототипите поминаа 3.200.000 километри опсежни тестирања во екстремни услови на експлоатација. Прва беше лансирана полуксузната верзија 760. Цената беше добро одмерена, а опременоста богата и воопшто не чудеше што продажбата тргна одлично. Две години после тоа следеше неговата поевтина варијанта со ознака 740, во 1985-тата и нивните каравански изведби, додека во соработка со Bertone се произведуваше и двовратната 780 верзија.
Серијата 700 на Volvo стана продукциска и финансиска пресвртница за компанијата, градејќи ѝ го имиџот и донесувајќи ѝ профит. До 1994 година беа направени нешто помалку од еден ипол милион примероци.