Кросовер купе од иднината за сегашноста
» Со најава дека од 2030-та година веќе нема да произведува возила со класични мотори вклучувајќи ги и хибридите, Volvo го претстави својот втор електричен модел кој накратко може да се опише како купе верзија на XC40. Означен како C40 Recharge во однос на него пред сé се разликува по нешто пониската линија на покривот и изменетиот заден дел. Помали измени има и напред – браникот е дотеран а новите светла се одликуваат со пиксел-технологија. Понизок е скоро 7 cm, додека должината и ширината благо се зголемени.
За погон се грижат електромотори со вкупно 408 KS и 660 Nm, кои му обезбедуваат погон на сите четири тркала. Батериите од 78 kWh со едно полнење овозможуваат поминување 420 km, а до 80% од капацитетот на брз полнач ќе се освежат за околу 40 минути. C40 Recharge до 100 km/h ќе забрза за 4,9 секунди, додека најголемата брзина електронски му е ограничена на 180 km/h. Ќе се произведува во фабриката на Volvo во Гент, Белгија, почнувајќи од ова есен.