Шведската струја сé почесто ќе доаѓа
» Volvo продолжува со електрификацијата и покрај засега нецелосните и не докрај јасни сигнали за успехот на XC40 Recharge – намерата е веќе во март да претстават нов целосно електричен автомобил. Тоа ќе биде увертира во најавеното производство на електромотори во наново активираната постројка во местото Сковде во Шведска, која треба да помогне до средината на деценијава 50 отсто од продажбата на марката да бидат електрични автомобили – а остатокот хибриди. Затоа и со новиот модел чие претставување е закажано за 2 март ќе се дознае и повеќе за натамошната стратегија за електрификација на шведската компанија.
Тоа е и причината зошто за него во моментов нема никакви детали, иако е сосема јасно дека ќе биде базиран на истата CMA компактна модуларна платформа која се користи и кај XC40. „Ќе ве држиме во неизвесност сé додека не го претставиме, но ветуваме дека ќе биде убав“, рече директорот на компанијата Хакан Самуелсон. Сепак јасно е дека за да биде профитабилен, Volvo мора да се фокусира на поскапите сегменти. Ако ни дозволите да шпекулираме, новиот модел би бил нешто многу блиску до Polestar 2, кој е всушност сериска верзија на концептот 40.2 кој се појави заедно со концептот 40.1 кој се трансформираше во XC40 Recharge.
Но тоа е само наше мислење.