Повратникот од Америка
» Појавувањето на Golf во 1974 година беше преломна точка за Volkswagen, кој до тогаш веќе некое време мака мачеше да се реши што ќе ја наследи застарената Буба. Успехот на моделот кој ја дефинира целата европска компактна класа во 1976-тата се пренесе и во Америка, но тамошните директори бараа нешто повеќе. Формулата им беше под нос – ја гледаа секој ден таму на улиците и две години подоцна го конвертираа во пикап. Постоењето дизел мотор беше поволност која само тој ја имаше и Американците загризаа. Под името Rabbit Pickup, неговото производство беше организирано во фабриката на VW во Пенсилванија.
Европското раководство на компанијата на почетокот го игнорираше овој модел – не сакаше „камионска“ верзија да го нагризе имиџот на Golf, ниту пак да одвои од капацитетите за производство кои беа потребни за да се задоволи неговиот повеќе од успешен пазарен поход. Решението беше пронајдено во TAS, Сараево, каде од 1982 година малиот пикап под името Caddy започна да се произведува за цела Европа. Тој главно се разликуваше од американската верзија по крутата задна оска со надолжни лиснати пружини која му овозможи носивост од 625 килограми. Тоа заедно со издржливоста, патничкиот комфор и економичните агрегати, посебно дизелите, го поставија Caddy на пазарна позиција да ја надживее и втората генерација на Golf. Дури и повеќе, бидејќи неговото производство во 1992 година насилно беше прекинато со почетокот на војната во Босна и Херцеговина. Во меѓувреме Volkswagen ја затвори својата фабрика во Пенсилванија и машините за производство на Caddy, заедно со оние за Golf односно Rabbit, ги испрати во Јужна Африка каде тој живееше сé до 2007 година.
Во Европа, пак, Volkswagen од само нему познати причини воопшто не размислуваше за замена на малиот пикап. Но во тоа време Seat беше незадоволен од односот на матичната компанијата кон себе со ограничувањата на можностите за развој на неговата гама која таа ги поставуваше. За да ги смират темпераментните страсти на Шпанците кои постојано се бунтуваа барајќи да им се дозволи да работат на пошироко поле, Германците се согласија од Seat да набавуваат возила кои тие би ги продавале како свои, под ознаките на VW. Заедно со Polo Classic изборот падна и на доставната Inca направена на основа на првата генерација на Cordoba. Освен името, новиот Caddy немаше ништо заедничко со босанскиот предок, но купувачите го прифатија еднакво добро. Тој се произведуваше од 1996 до 2004 година, кога челниците на VW одлучија Seat да го пласираат како марка со спортски предзнак, во чија гама немаше место за комерцијално возило. Шпанскиот Caddy продолжи да се произведува во Аргентина до 2008-мата а Volkswagen, следејќи ја успешната формула од Сараево и Марторел, на некои пазари каде неговиот знак поминуваше подобро од оној на Škoda, како во Грција, на пример, од ’96-тата до 2000-тата ја нудеше Felicia Pickup како VW Caddy.
Но бидејќи доста порано PSA ги лансираше Citroen Berlingo и Peugeot Partner кои место класични комерцијални настапуваа како повеќенаменски возила, Volkswagen на Caddy му предодреди друга иднина – неговата трета генерација од 2003-тата беше самостоен модел развиен на основа на Golf V со користење на доста компоненти од Touran, што придонесе за значаен пораст на неговиот успех кој се разви во приказна достојна да биде презентирана сама за себе.