Се градат цврсти темели
» Јапонскиот технолошки гигант Sony кој што го претстави својот втор електричен автомобил ги дефинираше плановите за влез во автомобилската индустрија. Новиот концепт ја има ознаката Vision-S 02 и заедно со претходниот претставен исто така на CES пред две години ќе бидат окосница за новата компанија Sony Mobility која Јапонците ќе ја основаат засега само со намера да ги испита потребите на потенцијалните купувачи со цел да се забрза давањето нови предлози кои дополнително ќе го развиваат искуството за мобилност. Во крајна линија ова значи дека сериските верзии и на двата концепта треба да ги очекуваме во наредните години – не треба да се биде експерт за да се сфати дека Sony постепено гради цврсти темели за своето деби во автомобилската индустрија која благодарејќи на електрификацијата динамично и доста перспективно се развива. Доказ за ова тврдење е порастот на акциите за 4,5 отсто откако беше пласирана оваа најава.
Што се однесува до самиот концепт, се забележува дека тој изненадувачки има доста зрел дизајн. Минималистичкиот ентериер во кој доминираат екраните може да прими до 7 лица, а во подот се наоѓаат батерии со непознат капацитет кои напојуваат два електромотора со вкупно 272 KS. Како и кај првиот концепт Vision-S, се експериментира со автономните способности, вештачката интелигенција и други напредни технологии, додека моќните инфо-забавни системи се подразбираат.