Renault и Fiat ја прекинуваат соработката
» Некогаш порано, не така одамна, Renault и Opel имаа заедничка гама средни и големи доставни возила – Trafic и Vivaro, Master и Movano. Уште порано, Peugeot, Citroen и Fiat исто така имаа вакви заеднички возила – Expert, Jumpy и Scudo, како и Boxer, Jumper и Ducato. Но тогаш започнаа прегрупирањата. Најпрво Fiat со Chrysler, по што Италијанците се повлекоа од заедничкиот комби-бизнис со PSA и место од нив помалиот модел започнаа да го земаат од Renault, нарекувајќи го Talento, додека поголемиот опстана. Следеше припојувањето на Opel кон PSA, по што Vivaro стана француски производ, додека Movano ја преживеа транзицијата. Сега кога на повидок е уште едно големо спојување меѓу PSA и FCA, нормално беше да се очекува повторно да има промени во распределбата на пазарот во овие доставни сегменти.
Токму тоа и се случи – Renault објави дека ја прекинува соработката со Fiat и започна да бара нов партнер. Каде ќе го најде не знаеме – можеби кај Корејците, но Fiat ќе го нема тој проблем. Истото ќе важи и за Opel, која ќе дојде на ред средувањето на сметките во поголемата класа комерцијални возила. За сликата во овој пазарен сегмент да биде појасна (или позамрсена, зависи од која позиција гледате), треба да се напомене и дека помалото комби на PSA во Европа се продава и под знакот на Toyota како ProAce, а пак она на Renault како Nissan NV300. Независно од сето ова, Ford и VW веќе се договорија заеднички да настапуваат и во иднина Transit и Transporter ќе бидат браќа. Сам на европскиот пазар во овие доставни категории (засега) останува само Mercedes со Vito и Sprinter, а тука се уште и Ford Transit Custom, Volkswagen Crafter и Hyundai H350.
коментари: