Иако „умрен“, вака би можел да изгледа новиот RCZ на Peugeot
» Вистинското прашање е дали Peugeot воопшто ќе го врати во производство спортското купе CRZ. Проектирано во 2009 со прв произведен примерок година дена покасно, тоа беше присутно на пазарот до 2015-тата. Симнувањето од производното портфолио се должеше на отстапување простор на други големосериски модели, но и на намалениот интерес за спортски купе модели кои се темелат на големосериските модели. Колку за потсетување, истата судбина ја имаше и Volkswagen Scirocco, a Hyundai мака мачи со Veloster. Во живот сé уште е Audi TT, но сепак кај него одлучувачката улога и припаѓа на припадноста кон брендот. Со други зборови, не припаѓаат ниту во иста ценовна категорија.
Имајќи го предвид прогресот на Peugeot во последниве две-три години, полскиот дизајнер Пјотр Чизевски кој води сопствено студио за дизајн и изработка на прототипи, даде прекрасен предлог како да изгледа втората генерација на француското спортско купе. „Иконата Peugeot RCZ во ново опкружување со сегашниот стил на Peugeot. Проектот покажува нов пристап со почитување на моменталниот стил кој го негува Peugeot, во исто време ги задржува и најважните стилски аспекти на претходникот“- ќе изјави дизајнерот. Резултатот е секако спектакуларен.
Имагинарниот RCZ е спортско стилско купе кај кое на предниот дел доминира маска од актуелните модели на брендот, со карактеристични дневни светла во облик на лавовски заби. Пропорциите јасно укажуваат на спортскиот карактер, при што повторно се препознава дизајнерскиот потпис од актуелните модели. Во поглед на механиката Peugeot во моментот има широк спектар на мотори, но се чини како најприкладен за RCZ би бил 1.6 бензинецот со 225 KS, а не е исклучена можноста за хибридно поврзување со електромотор. Во тој случај на струја би се движеле задните тркала, што пак значи унапредување на возните својства со интегрален погон.
На крај прашањето дали во Peugeot некој ќе се осмели да прифати предлог за повторно оживување на RCZ. Гледајќи го ова, се чини дека бројот на фанови воопшто не би бил за занемарување!