Електрификацијата во фокус
» Познат во Америка веќе две години како Nissan Rogue, новиот X-Trail за Европа продолжува таму каде застана, сега со фокус на електрификацијата. За оваа генерација Јапонците добро ги искористија гените од неговите претходници – мускулестиот дизајн, напредните можности на погонот на сите тркала и пространата и практична внатрешност со пет или седум седишта. Платформата која ја дели со Qashqai му донесе нови динамички перформанси изразени преку електрификацијата која ја обезбедува иновативниот e-Power хибриден погонски систем. Се состои од компактен пакет батерии, бензински мотор, генератор и електромотори, еден или два во зависност од тоа дали погонот е на предните или сите тркала.
Првата варијанта располага со 204 а втората со 9 коњи повеќе, но значајно е тоа што бензинскиот мотор чија моќност не е објавена бидејќи воопшто не е битна, не ги задвижува тркалата туку само произведува струја за електромоторите. На тој начин, за X-Trail слободно можеме да кажеме дека е електричен автомобил, а така и се однесува. Сепак, за оние кои немаат комплетна доверба во новите технологии X-Trail ќе се нуди и во обична, блага хибридна верзија со 1,5 литарски бензински мотор со 163 коњски сили. На оваа верзија цената во Германија изнесува 35.500, а на најевтината e-Power изведба со ист пакет опрема 37.000 евра.