Комби кое продолжува да поставува стандарди
» Првата генерација на Vito која Mercedes ја лансираше 1996 година имаше попречно поставен четирицилиндричен мотор што го правеше ова комби доста компактно со оглед на класата во која припаѓа. Со новиот и атрактивен дизајн кој го најави почетокот на новото доба на лесните комерцијални возила на марката доби и име кое го подвлекува тоа и наместо да биде означен со комбинација на букви и бројки беше наречен според неговото родно место – фабриката каде се произведува се наоѓа во баскискиот град Виторија-Гастеис. Имаше височина од 1,89 метри и можеше да влезе во секоја гаража, а истовремено со товарниот простор со капацитет од скоро пет кубни метри можеше без проблем да превезе и нешто погломазен товар. Индустриските стручњаци и трговците му ракоплескаа на Mercedes за сработеното, а новинарите го прогласија Vito за комби на годината.
Втората генерација која се појави 2003 година беше посериозна – имаше уште повисока удобност и поголема разноликост, но и поиздржлив погон на задните тркала. Беше додадена и верзија со погон на сите тркала која му овозможи да работи и во руралните средини, надвор од асфалтните патишта. Можностите ги зголеми и палетата силни мотори – најмоќниот дизел имаше 224 а бензинскиот 258 коњски сили. Зависно од варијантата на моделот меѓуоскиното растојание беше зголемено до 43 а должината до 58 сантиметри, на максимални 5,24 метри. Огромниот еволуциски напредок кој на новиот Vito му донесе три различни должини и две височини на покривот повторно беше награден со титулата комби на годината. Се разбира, по продажните резултати го надмина претходникот и во споредба со него опстана четири години повеќе на пазарот.
Уште посестрана и поатрактивна, третата генерација на Vito која сé уште е актуелна ја прослави својата премиера во 2014-тата. Со нов дизајн и за 13 сантиметри поголема максимална должина понуди уште повеќе простор и за товар и за патниците, иако меѓуоскиното растојание остана непроменето. Купувачите добија уште поголем избор погонски групи, а покрај верзиите со погон на задните и сите четири тркала во гамата повторно се најде изведбата со преден погон, во комбинација со послабите дизел мотори. Иста техничка конфигурација има и верзијата со која Vito зачекори во електричното доба.
Од лансирањето на првата генерација на пазарот во 1996 година, Mercedes досега има продадено околу два милиона примероци од оваа исклучително успешна серија комби возила.