Од луксузна лимузина и статусен симбол до баран класик
» W126 S-класата на Mercedes претставена во септември 1979-тата на меѓународниот салон на автомобилите IAA во Франкфурт беше пионер на модерниот дизајн и трендсетер со оптимизирана аеродинамика која дотогаш никој ја немаше. Беше достапна во две изведби – освен нормалната постоеше и продолжена верзија со дополнителни 140 милиметри меѓуоскино растојание. Понудата на мотори беше доволно широка и се растегаше од 2,8 литарскиот шестцилиндричен склоп со 156 KS до 5,0 литарскиот V8 со вбризгување кој развиваше 240 KS. Со промената на понудата во 1985 година пристигна и 5,6 литарскиот осумцилиндричен мотор во две верзии, со 272 и 299 KS.
Кога се појави, публиката беше маѓепсана од нејзиниот дизајн. Препознат како револуционерен, зрачеше со безвремена елеганција. Како резултат на темелниот аеродинамичен третман кој како прв модел на Mercedes го помина, коефициентот на отпор на воздухот кој кај претходната W116 серија изнесуваше 0,41, беше намален на 0,36. Но тоа не беше единствената новост. Сега веќе дамнешната 1981-ва воздушната перница за возачот ја имаше својата премиера токму во серијата W126. Истата година Mercedes понуди и затегнувач на сигурносниот појас за совозачот, кој значително ја унапреди неговата ефикасност. Имаше уште потполно нови работи – електрично подеслив столб на управувачот, самоблокирачки диференцијал, контрола на пролизгувањето и друго.
Успехот не изостана – до 1991 година вкупно 818.063 примероци ги напуштија производствените хали на Mercedes во Зинделфинген.