Електричен тротинет со трикрака ѕвезда
» Пазарот на електрични тротинети последните години доживеа неверојатен бум, кој не остана незабележан ниту од автомобилските производители. Најновиот пример доаѓа од Mercedes, чија управа одлучи и тие да се приклучат на трендовите за ваква урбана мобилност. Така во соработка со швајцарската компанија Micro Mobility Systems е понуден eScooter, за кој Германците се фалат дека е многу поквалитетен и поиздржлив од другите вакви – токму како и нивните автомобили, илустрирајќи го тоа дека овој тротинет е проектиран во текот на својот животен век да помине повеќе од 5.000 километра.
Тежок е 13,5 килограми и заради едноставниот преклопен механизам може лесно да се пренесува. За погон е задолжен мотор од 500 вати кој ќе го забрза до максималните (електронски ограничени) 20 km/h. Батеријата од 280 Wh која се полни 3 до 3,5 часа има капацитет доволен за поминување 25 километри. Просторот за стоење е обложен со посебен слој кој спречува лизгање, а двете големи тркала со кои може да се вози и по нерамен терен се ослонети. Има светла, ѕвонче и три сопирачки, две напред и една назад, а може да се поврзе со мобилен телефон кој ќе служи како брзинометар или уред за навигација.
За тоа од кога, по која цена и каде ќе се продава, Mercedes ништо не кажува.