Еден од најчистите дизели досега
» После плаг-ин хибридната верзија, Mazda ја зголемува понудата на CX-60 и со потполно нов дизел мотор, како велат Јапонците најефикасен и најчист досега. Има 6 цилиндри распоредени во линија, работна зафатнина од 3,3 литри и користи иновативна технологија на согорување со електронски контролирани вбризгување и дистрибуција на смесата воздух-гориво. Овој мотор со ознака e-Skyactiv D ќе има 200 и 254 KS и максимални 550 Nm вртежен момент. Послабата верзија ќе биде достапна само со погон на задните тркала, а посилната во 4×4 изведбата на Mazda CX-60. Производителот најавува дека верзијата од 200 коњски сили просечно ќе троши 4,9 l/100 km и ќе емитува 127 g/km CO₂, што е постигнато и со помош на 48-волтната блага хибридна поддршка. И перформансите се импресивни – посилната изведба забрзува до 100 km/h за само 7,4 секунди и постигнува максимална брзина од 219 km/h, а има можност за влечење приколка со вкупна тежина до 2.500 kg. Покрај сето ова, јапонските инженери наведуваат дека новиот мотор создава помалку бучава и вибрации во работата.
Се планира CX-60 со овој мотор да биде достапен на европските купувачи од јануари наредната година, кога ќе бидат познати и цените.