Rolls-Royce Phantom V од 500.000 фунти со пресадено „срце“
» Дали сте знаеле дека Дејвид Бекам е инволвиран во автомобилскиот бизнис? Тој, имено, е сопственик на 10 отсто од акциите на британскиот старт-ап Lunaz чија цел е да ги модернизира класичните модели со помош на електриката. Пасионираните колекционери се лутат, но и меѓу нив постојат такви кои ја согледуваат вистинската намера – со пресадено „срце“ да им се продолжи животот. Работата им е филигранска и досега се конвертирани повеќе возила од Aston Martin, Bentley, Jaguar и Range Rover, но гордоста на компанијата сепак се преработките на Rolls-Royce.
Прв модел беше Phantom V од 1961 година, кој најпрво целосно е расклопен и направено е 3-Д скенирање за утврдување на местата на кои треба да се интервенира, а потоа е извршена детална реставрација и место класичниот вграден му е електричен мотор. Автомобил доби голем пакет батерии од 120 kWh кои се доволни со едно полнење да помине 480 km. За погонските технологии од Lunaz молчат, но не и за останатите модерни додатоци – системот за навигација, WiFi поврзувањето мобилен телефон со енкрипција, посебните инфо-забавни системи за напред и назад, повеќезонската климатизација, но и подобрените сопирачки, систем за управување и ослонувањето. Каросеријата е лакирана во две бои, внатрешноста во која има место за осум патници преслечена со кожа и дрво, а во приватниот дел во задниот дел на возилото се наоѓаат два екрана и мини-бар. Цената е соодветна – 500.000 фунти без давачки, а на оние пак кои немаат толку пари им е понуден Silver Cloud, кој со батерија од 80 kWh чини 350.000 фунти.