
Иднината како колатерална штета
» Во обид да го реинкарнира своето минато во сосема поинакво светло, руската компанија AvtoVAZ со странска помош се обиде да го сврти својот пат кон иднината. Првата ластовичка беше моделот XRay дизајниран од Стив Матин кој својата кариера ја градеше во Mercedes и Volvo. Механиката беше позајмена од Renault, конкретно од Dacia Sandero, која руските и француските инженери заеднички ја прилагодија кон мисијата за тоа како автомобилите од марката Lada ќе се претставуваат во иднина. Но градскиот кросовер кој ги најави новите источни ветришта кои започнаа да дуваат од малку поинаков западен правец настрада како колатерална штета во санкциите кон Русија заради војната во Украина, враќајќи ја иднината на Lada во неизвесни текови.
А ветуваше многу. Продажбата на моќно и уникатно дизајнираниот модел започна во 2016-тата со избор од три агрегати. Два беа руски, од 1,6 и 1,8 литри со 106 и 122 коњски сили, при што поголемиот можеше да се добие и со петстепен автоматизиран менувач. Третиот беше 1,6 литарски со 110 KS по потекло од Renault, но после некое време тој беше исфрлен од понудата. Значајно беше и тоа што овој модел базиран на француска платформа се произведуваше во матичната фабрика на AvtoVAZ во Тољати, заради што можеби и имаше атрактивна стартна цена од нешто над седум илјади евра, сума за која купувачите добиваа нешто побогата опрема од онаа на која беа навикнати кај руските автомобили, која кај поскапите верзии вклучуваше и такви нешта како загревани предни седишта, систем за помош при паркирање со задна камера и автоматски светла и бришачи. Беше сосема јасно дека Lada XRay се подготвува за освојување на западните пазари, каде меѓу другото ќе имаше предност и со клиренсот од солидни 195 милиметри. Сепак нејзината приказна заврши во 2022 година после произведени малку над 160 илјади примероци.