Со текот на децениите се изнагледавме дузина предлози за наследник на славниот теренец, но на шпекулациите им доаѓа крајот
» На меѓунардоната автомобилска смотра во Москва во 2018 година, додуша само концептно, беше прикажан наследникот на Lada Niva, со ознака 4х4 Vision. Таа ознака ја имаше заради претходниот аранжман со General Motors на кој му беше отстапено името Niva за користење на моделот на Chevrolet кој требаше да биде наследник на рускиот теренец.
Но не стана! Таа улога како сé досега да беше резервирана за нешто друго, што без разлика на името, нема да предизвикува потсвесен дисконтинуитет со прославениот теренец. Тоа го сфати и Стив Матин, шефот на дизајнерската екипа на Lada, кој креираше современo возило внимавајќи да биде задржана основната идеја на оригиналот. И тоа доста вешто, комбинирајќи ги неговите исконски линии со сегашниот дизајнерски речник на марката во кој доминира X-графиката на предниот дел, боковите и задниот дел на концептот. Импресивниот изглед е проследен со интересни дизајнерски детали – предните трепкачи, покривот во Т-облик и графиката на задните светла.
Интересни се и пропорциите на концептот – тркалата со големина од 21 инчи спаѓаат во поекстравагантните решенија, а сокриениот заден пар врати треба да асоцира на сé уште актуелната Niva која ги поседува само две. Внатрешноста е ултрамодерна, опремена со најсовремените асистенции и секако далеку покомфорна од оригиналот, што и не би требало да чуди ако се знае дека должината на 4×4 Vision изнесува 4,2 метри.
Сето тоа делува многу привлечно сé додека не се погледне под одлично скроениот лим. Тука веќе се наидува на позната платформа која ја кристи Dacia Duster. Иако во Русија ќе се нуди само верзија опремена со перманентен погон, сепак тоа дава мала резерва дали можеме да зборуваме за бестрашен теренец кој не познава препреки, каков што е Niva.
Засега се најавени современи мотори од регалот на Renault, што е доволна гаранција за издржливост и економичност, а за менувачите кои ќе бидат вградени сé уште се води интерна дискусија. Поекономичната верзија на која инсистираат Французите предвидува вградување на постојни корпорациски менувачи, додека руските инженери инсистираат на развивање на нови менувачи со кои ќе се даде домашен идентитет на новиот теренец.
Останува да се надеваме дека до сериското производство попатно нема да се изгубат некои од поинтересните дизајнерски експресии.