Електрика во ретро дизајн
» Се чекаше долго – поминаа три-четири години од претставувањето на концептот, но сега дојде крај на чекањето – Honda започна со продажба на своето прво електрично возило. Мало, со ретро дизајн и со едноставна ознака e, со него јапонскиот производител го започна процесот на целосна електрификација на своите модели. Тој процес треба да кулминира во 2025 година, кога секој модел на Honda треба да има и своја електрична варијанта. За остварување на овој амбициозен план се ангажирани големи ресурси, од инженери и дизајнери до стилисти и креатори на модни трендови.
Иако на прв поглед едноставно, Honda e во секој свој детаљ има вградено мноштво иновативност. Замената на страничните ретровизори со мали видео камери е само еден сегмент кој јасно укажува на годината на раѓање. Тој пристап посебно доаѓа до израз во внатрешноста, каде што големиот екран кој се протега по целата широчина на предниот панел ги заменува сите примарни и секундарни прекинувачи. За конективноста воопшто не би требало и да се дискутира, едноставно тука е присутно сé што може и треба да е вградено во едно возило првенствено наменето за градски превоз.
Honda e и покрај намената, е извонредно динамично возило. Техничките специфики се должат на електромоторот кој максимално може да испорача 136 односно 154 KS во посилната верзија, и во двата случаи со импозантен вртежен момент од 315 Nm. Максималната брзина електронски е ограничена на 145 km/h, а забрзувањето до 100 km/h изнесува само 8,3 секунди. Батериите со капацитет од 35,5 kWh се трошат со поминување на околу 220 km, а на нивно брзо полнење до 80% од капацитетот се чека само околу 30 минути. Имајќи на ум дека примарната задача на Honda e е движење низ урбани средини, сосема задоволувачки.
Цената на Honda e во Германија изнесува 33 илјади евра.