Мини Accord
» Пет години беа доста – толку е на пазарот сегашната генерација на Civic која Honda наскоро ќе ја испрати во пензија. Наследникот веќе е покажан во форма на прототип, што според терминологијата на Јапонците значи дека и сериската верзија ќе изгледа токму така. Првите фотографии откриваат ублажување на радикалните стилски зафати, така што сега Civic изгледа како намалена верзија на Accord. Внатрешноста не е покажана, но според скиците и таа ќе ја следи промената на дизајнерскиот правец и во неа минималистичкиот стил ќе има поголемо влијание.
Генерално, новиот Civic ќе се искачи едно скалило погоре во однос на стајлингот, перформансите, безбедноста и напредните технологии. Иако засега е покажана само седан верзијата, најголемо внимание привлекува семоќниот Civic Type R, кој се очекува една година после серискиот хечбек. Тој според поранешните вести треба да биде малку поголем од сегашниот, со подолго меѓуоскино растојание и нема да се произведува во Велика Британија. Се шушка дека за него се подготвува хибридна верзија на дволитарскиот турбо, со што тој би можел да има дури 400 KS.