Parlez-vous français?
» Додека во светот на автомобилите француската продукција е добро позната, за нивните автобуси не знаеме ама баш ништо. Ретките примероци кои како користени се увезени кај нас не ја даваат вистинската слика, но од нив може да се насети зошто е така. Имено, постојат неколку добри причини зошто француските автобуси не ни се познати не само нам, туку и на добар дел од Европа. Првата е што Французите не сакаат многу да се возат со автобуси – главното средство за јавен превоз таму е железницата: подземна, надземна, брза… Заради тоа и долголиниската автобуска индустрија не им се воопшто има развиено – сега практично не постои. Втората е што Франција е држава со акцентирано национално размислување па така на секој тендер за набавка на било што предност секогаш имаат домашните производители. А тие, барем во автобускиот дел, се имаат концентрирано на возилата за градски превоз кои по правило носат постабилна заработка – доколку се има пазар за нив, секако. Затоа и освен дома и во поретки исклучоци за извоз, француските автобуси не можат да се сретнат пошироко.
Но, глобализацијата си го направи своето. Поевтиното производство од увоз беше причина и онака кревката автобуска индустрија во Франција да бара помоќни патрони, па по преминувањето на сопственоста од едни во други раце, бројните прегрупирања и реименувања, последен активен на сцената остана само Heuliez, и тоа до 2021 година, кога и тој целосно беше претопен во Iveco групата. Оваа фирма како автобуски производител е основана не така далечната 1979 година, но корените ѝ допираат дури до 1925 година – тогаш ја имаат направено првата каросерија на шасијата на Peugeot 177B. Во 1932 година го претставуваат својот прв автобус со дрвено тело, а после војната дебитираат и со модел на основа на Citroen P 45. Годините потоа ги преживуваат со туристички автобуси и специјални изведби, додека седумдесеттите ги одбележа соработката со Mercedes која доведе до производство на соло и зглобните верзии на моделот О305 под логото на Heuliez.
Новата фабрика отворена во 1982 година налагаше раскрстување со скромниот ритам на работа и беше потпишан договор со Renault Trucks. Се започна и со развој на нови модели, кои бавно но сепак пристигнуваа. Прв беше минибус базиран на Master, а потоа следеше серија други модели со разни големини, на основа на разни производители, меѓу кои и Volvo. Во 1999 година преминува под италијанска капа како дел од Irisbus, за во 2013-тата после регрупирањето на корпорацијата да стане дел од Iveco. Тоа е и последната причина зошто не ги познаваме француските автобуси – освен во франкофонските земји, сé што произведуваше Heuliez за извоз се продаваше под други марки, практика со која се започна во 2002 година. Но затоа ресурсите што ги овозможи закрилата на Iveco овозможија сериозна и постојана модернизацијата на гамата која постепено, од дизел преку метан и хибриден погон стане електрична, каква што е и сега, за жал само со два модела.