SUV-спортист во војничка униформа
» Пристигнувањето на Fisker Ocean е најавено за последниот квартал на годината. Електричниот SUV ќе се нуди во неколку пакети на силина (читај: батерии), а посебно интригантна е најавената почетна цена од 37.500 долари. Интересот кој го предизвикува се огледа од бројките – за кратко се пријавија 22 илјади клиенти од дури 116 земји! Некои од нив се подготвени и на подолго чекање, заради тоа што Fisker Ocean најпрвин ќе биде понуден на американскиот и европскиот пазар.
И додека некој размислува како да дојде до својот примерок, амриканскиот производител оди чекор понатаму и подготвува војничка, таканаречена Force E Packаge изведба. Ова „војничка“ повеќе треба да се сфати како најава за теренските капацитети на специјалната изведба отколку како вистинско војникување по боиштата. Освен милитарните и парамилитарните организации, потенцијални интересенти се гледаат и во службите за спасување, црвениот крст, полициските единици, локалните заедници, како и цел спектар на меѓународни организации.
Од цивилната изведба „војникот“ ќе се разликува според силината (околу 300 KS), а секако тука е и погонот на сите тркала со посебни теренски пневматици. Потоа следат прилагодувањата како што се зголемениот капацитет на батериите, поголемиот клиренс, појачувањето на подницата, дополнителни светла напред и назад, па сé до можноста за вградување на специјална опрема како што е на пример голем резервоар на питка вода. Да не заборавиме на основата, овој SUV преработен во капацитетен теренец, освен што изгледа возбудливо, се движи на струја.