Ferrari кој не е Ferrari
» Енцо Ферари во својата страст да биде најдобар, не сакаше да прави никакви компромиси. Дотолку што инаетливо се расправаше со сите околу него – вклучувајќи ги и најблиските – кога нешто требаше да се направи а за што тој сметаше дека не е според стандардите што самиот тој ги имаше поставено. Таква е и приказната за Dino, кој иако е модел на Ferrari, никогаш на себе ги немаше ниту логото, ниту името на компанијата, туку, кажано со модерен речник, беше нејзина суб-марка.
Приказната за овој автомобил кој во многу нешта влијаеше и претставуваше пресвртница во иднината на Ferrari започнува токму со страста на Енцо – не само да се учествува на авто-трките, туку и да се победува на нив. За тоа инженерот Виторио Јано и постариот син на Енцо, Алфредо Ферари наречен Дино, развиваат мал V6 мотор. Но како учеството на трките е скапо и мора да се финансира со продажбата на „нормални“ автомобили, тие создаваат и неколку патни прототипи со овој мотор. Арно ама Енцо застанува категорично зад своето „не“ од истата причина заради која едвај нешто продаваше – според него еден Ferrari не може да има ништо помалку од 12 цилиндри. Дури дотолку што од леукемија болниот Дино од болничкиот кревет се има препирано со својот татко за тоа, но попусто.
Смртта на Дино во 1956 година ги замрзува работите но не и идејата овој мал и со сила набиен мотор да се вгради во попристапен модел кој на Ferrari би му носел пари. Енцо дури во 1965 година дозволува такво нешто да се направи. Виторио Јано ја довршува конструкцијата на дволитарскиот V6 мотор за цивилна употреба кој имаше блок од алуминиум и агол меѓу цилиндрите од 65 степени, а Pininfarina прави серија концепти со револуционерен дизајн. Конечниот како исклучително смела и интересна креација е претставен на салонот на автомобилите во Торино во 1967 година, каде од публиката е пречекан со доста позитивните реакции. Но на Енцо не му се допаѓало што на своите купувачи во раце ќе им даде брз и моќен автомобил со централно поставен мотор, сметајќи дека не секој е способен да вози такво нешто. Затоа и не дозволил новиот модел на себе да ги има неговото име и коњчето од Маранело, туку како компромисно решение автомобилите ги означиле едноставно Dino, во чест на неговиот син.
Првиот модел имаше алуминиумска каросерија монтирана на цевкаста шасија, независно ослонување и тркала од лесна легура прицврстени на тркачки начин. Во внатрешноста владееше препознатливиот Ferrari стил, а моторот развиваше 180 коњи овозможувајќи максимална брзина од 238 km/h и забрзување од 0 до 100 km/h за 7,5 секунди. Новиот модел традиционално според зафатнината и бројот на цилиндрите означен како 206 GT беше пречекан со одушевување од купувачите кои во него видоа модерна концепција и техника и одлични перформанси, но не и цена колку очекуваа. Токму заради сето напредно што во себе го имаше, Dino 206 GT беше само малку поевтин од „вистинските“ модели на Ferrari, оние со V12 мотор кои ги имаа ознаките на марката. Беа направени само 152 примероци пред во 1969 година да биде заменет со 246 GT. Како што ознаката му кажува, тој имаше 2,4 литарски мотор, но алуминиумот во него и во каросеријата беше заменет со челик. Меѓуоскиното растојание беше продолжено за шест сантиметри, а максималните 195 коњи го потеруваа до 248 km/h и забрзуваа до 100 km/h за седум секунди.
Вака подготвениот автомобил ја претставуваше формулата за успех. Купувачите беа задоволни заради подобрата издржливост и значително пониските трошоци за одржување на V6 моторот во однос на големите V12 машини, а помалите димензии на автомобилот овозможуваа негова секојдневна употреба. Однесувањето на пат беше за секоја пофалба и со значително пониската цена нарачките започнаа да пристигнуваат. Дефинитивно, Dino 246 GT стана првиот Ferrari произведуван во поголеми количини – до 1974 година вкупно беа направени 3.569, вклучувајќи ја и GTS верзијата во тарга изведба.