Електрификацијата некој мора да ја плати
» Како и другите авто-производители, и Daimler се соочува со обемно преструктурирање – освен што групата се дели на две независни компании (патничка и товарна програма), мора да се започне и со спроведувањето на електрификацијата на целокупната гама и приближување кон целта до 2039 година да се стане климатски неутрален. Тоа значи дека се потребни многу пари за вложувања, кои во овој момент бидејќи развојот не смее да се чепка, можат да се обезбедат само со сериозни заштеди и кратења секаде каде е можно, без разлика колку е болно и колку далекусежни ќе бидат последиците за вработените. А тие нималку не се занемарувачки – само во шесте германски фабрики постои ризик да се поделат 20.000 откази.
Затоа веќе е подготвена обемна програма за сите кои доброволно ќе ги напуштат своите работни места и кои за тоа ќе добијат солидни отпремнини. На пример, 40-годишен инженер кој веднаш после студиите се има вработено во Daimler може да смета на отпремнина и до 400.000 евра. Синдикатите не се одушевени со ова, но според неофицијални извори понудата за напуштање на компанијата веќе ја имаат прифатено повеќе од 3.500 вработени.