Блиц поглед на современата африканска технологија
» Во споредба со остатокот од светот, африканската индустрија на тешки возила не делува баш сјајно. На целиот континент има само грст производители, од кои AVM Africa од Зимбабве делува најсериозно. Во производствената палета преовладуваат автобусите, а програмата камиони се темели на само еден модел со две верзии на кабината и неколку изведби на шасијата и надградбите. Освен погонската механиката, тие во целост се нивно производство. И додека изгледот им е налик на веќе заборавените европски камиони од седумдесеттите години од минатиот век, спецификациите на погонските склопови делуваат нешто подобро – за погон на овие камиони се задолжени Paccar мотори со зафатнина од 9,2 литри и шестстепени менувачи, а се вградуваат и ретардери, диск сопирачки на сите тркала па дури и ABS и темпомат. За обемот на производството на оваа компанија која постои од 1961-вата не можат да се најдат никакви податоци – единствено познато е дека во добрите години произведувале по 40-тина автобуси месечно.