Така е кога се прави компромис
» Во текот на својата историја Alfa Romeo имаше доста сјајни и неколку утнати автомобили, но ретко ќе им се случеше да направат нешто безлично и здодевно. Сепак имаше и такви случаи, а еден од нив е Giulietta од 1977 година. Со официјална ознака Tipo 116, денес не само што е во сенка на незаборавниот претходник Giulia, туку и на наследникот 75. А малку кој модел на миланската компанија беше толку очекуван – токму затоа што требаше да ја замени Giulia. Но тоа не беше лесна задача – таа и после 15 години производство во многу што сé уште беше конкурентен автомобил. Бидејќи планирањето беше започнато за време на нафтената криза и целиот проект беше заснован на максимална заштеда, за новиот модел мораше да се користи веќе постоечка механика. Требаше и да се избегне комерцијално преклопување со останатите во понудата за да не дојде до нивна меѓусебна канибализација и затоа мораше во многу нешта да се прави компромисен модел.
Така се роди триделната лимузина со изразито клинест дизајн со низок преден дел и кратка висока опашка. Механиката, платформата и меѓуоскиното растојание беа исти како и Alfetta, заради што Giulietta доби поекономична конотација во однос на нивото на опрема и изборот на мотори. Доброто однесување во возењето сепак беше наследено, иако засенето со слабата сила бидејќи Giulietta на почетокот беше понудена само со мотори од 1.357 cm³ со 95 KS и 1.570 cm³ со 109 KS. Затоа овој автомобил и не учествуваше во никакви трки или на рели освен на аматерско ниво, оставајќи го без битен дел од легендата во која уживаат другите модели на марката. Согледувајќи дека така не оди, одговорните веќе во 1979-тата во понуда вклучија верзија со 1.779 cm³ и 122 KS, а една година потоа и со 1.962 cm³ со 130 KS, додека пак во ’82-рата стигна и турбо дизел од 1.995 cm³ со 82 KS.
Непосредно пред тоа во 1981 година Giulietta го доби првиот редизајн, а во 1983-тата и вториот. Тогаш падна одлука да се понуди и спортска Autodelta изведба со турбо верзија на дволитарскиот мотор и 170 KS, која како посебна серија беше продадена во само 361 примерок. Покрај сето ова, Giulietta сепак постигна задоволувачка продажба од вкупно 379.689 примероци за осум години производство. Делумна заслуга за тоа има агресивната рекламна кампања во Јужна Африка, која за овај модел беше втор најважен пазар после домашниот.