Tags: , , , , ,
Alfa Romeo 33 Stradale, Carabo и Montreal – револуција на облиците (видео, фото-галерија)

Автомобилите како симбол на еден период

» Дизајнот настанат од натпреварувачкиот дух кој му дава живот на секој модел на Alfa Romeo и неговата синтеза со техничкото искуство и креативната храброст создадоа неколку автомобили за кои историјата смета дека се ремек-дело. На почетокот на моторизацијата првите автомобили беа кочии без коњи, со изглед без посебни украси. Но почнувајќи од 1930-те производителите на возила завладеаја со вештините за обработка и обликување на металот и започнаа да создаваат привлечни автомобили. Со развојот на индустриското производство но и вкусот на купувачите, автомобилите добива сé попрефинети облини и сензуални линии, раздвојувајќи се со текот на децениите безмалку сосема спротивставено, антропоморфски и футуристички. Токму таа разлика јасно е претставена во моделите 33 Stradale и Carabo кои се поставени на иста техничка основа.

Настанати во исто време, при крајот на шеесеттите, тие не можеа повеќе да се разликуваат – еден беше целиот напнат, како спортист среде натпревар, а другиот со прави линии и агли, со намера да ја погоди суштината на мобилноста и да ја поведе во иднината. Тоа не беа само две интерпретации, беа два различни света што ги спојуваше заедничката техничка основа која претставуваше синтеза на половина век долгото тркачко искуство на марката, генијалното и темелно планирање, умеењето и храброста во изборот, стилот кој ги спојуваше технолошките иновации и креативноста, како и состојките на тркачкиот Tipo 33 како нивни прапредок од кој сé започна.

Сето ова потекнува од желбата за натпреварување која никогаш не згасна. Годината 1964-та Alfa Romeo почувствува дека е време за официјално враќање во спортот. За наново да го покрене тркачкиот тим беше купена Autodelta, компанијата од градот Удине која веќе беше привилегиран партнер во производството на Giulia TZ. Истата година започна и проектот 33. Раководството бараше од својот тим да направи автомобил кој ќе може да се натпреварува со другите во остварување успех во јавноста и медиумско внимание. Autodelta се пресели во Милано да биде поблизу до фабриката на Alfa Romeo, но пред сé до патеката за тестирање Балоко.

Првата Tipo 33 шасија конструирана од Alfa Romeo пристигна во работилницата на Autodelta 1965-та година. Имаше асиметрична цевна структура во облик на буквата H, направена од алуминиумска легура со интегрирани резервоари за гориво. Напред структура од магнезиум пружаше оптимална потпора за ослонувањето, ладилниците, системот за управување и педалите. Погонската група беше сместена надолжно на централната позиција во задниот дел. Каросеријата беше направена од стаклени влакна за да се постигне минималната пропишана тежина од 600 kg. Но кратките периоди за развој беа нереални за така амбициозен и иновативен проект – ќе поминат скоро две години пред 33 да стане подготвен за трки. На првите тестови автомобилот имаше четирицилиндричен мотор со зафатнина од 1.570 cm³ од TZ, а во меѓувреме беше развиен потполно нов мотор во V8 конфигурација од два литри и 230 KS. Така после години внимателни подготовки, 33 влезе во натпреварувачкиот свет и веднаш почна да нижи победи кои го направија светски лидер.

Кога Alfa Romeo одлучи да произведе мали количини од 33 за избрани поединци, мораше му да даде нов изглед кој ќе го донесе спортскиот карактер на моделот на патиштата. Работата беше доверена на Франко Скаљоне, роден аристократ од Фиренца кој студираше аеронаутичко инженерство но се откажа и избра да стане дизајнер на автомобили, прво кај Pininfarina, потоа кај Bertone за подоцна да работи за своја сметка. Тој во дизајнот на 33 Stradale како што моделот беше наречен ги внесе сето свое техничко знаење и креативната смелост и резултатот беше ремек-дело во кое иновациите се спојуваат со изгледот и функционалноста.

Предната и задната хауба, всушност целиот преден и заден дел од каросеријата целосно се подигнуваа за полесен пристап до механичките компоненти. За да може да се влезе во возилото кое беше пониско од еден метар вратите се отвораа нанагоре. Сериската верзија се разликуваше од тркачката и по продолженото меѓуоскино растојание за 10 cm и челичната место алуминиумска шасија. Моторот остана ист – направен целосно од легури на алуминиум и магнезиум, со индиректно механичко вбризгување и суво подмачкување. Имаше двојни брегасти оски во главите, два вентила и две свеќички по цилиндар. Во толку лесен автомобил неговите 230 KS значеа дека може да достигне максимална брзина од 260 km/h и да забрза од 0 до 100 km/h за 5,5 секунди. Автомобилот официјално се појави на пазарот во 1967 година на салонот во Торино, но на ентузијастите им беше претставен неколку недели пред тоа. Тогаш беше најскапиот спортски модел на пазарот – се продаваше за скоро 10 милиони италијански лири, за разлика од неговите најпрестижни ривали кои чинеа 6 до 7 милиони.

Беа направени само 12 комплетни примероци, со каросерија – останатите шест подготвени шасии послужија за создавање на автомобилите од соништата, како што беше Carabo. Имено, додека 33 Stradale претставуваше отелотворување на концептот на антропоморфски автомобил, потрагата за стил го однесе Alfa Romeo и во други насоки. Идејата за автомобил на иднината, нешто налик на вселенски брод, се појави во 1950-тите по заслуга на каросерницата Touring која го подготви дизајнерскиот концепт Disco Volante, во превод летечка чинија. Како плод на напредните истражувања на аеродинамиката имаше браници заоблени од страна, споени со ниското и мазно тело на автомобилот.

Carabo беше претставен на салонот на автомобилите во Париз 1968-мата и претставуваше еволуција на радикална идеја која за Bertone ја реализираше Марчело Гандини кој тогаш имаше само 30 години. Овој неидентичен близнак на 33 Stradale ја имаше неговата механика која тогаш ја искористија и други дизајнери за креирање единствени модели како што беа Navajo исто на Гандини, Iguana на Џуџаро, 33 Coupe Speciale на Леонардо Фиораванти и Cuneo на Паоло Мартин кои работеа за Пининфарина… Висината на Carabo беше иста како и на 33 Stradale, ама неговите заоблени линии исчезнаа – сé на овој модел беше со остри црти, од клинестиот дизајн до вратите кои исто се отвораа нанагоре. Името му доаѓа од еден бумбар чија светло-зелена боја со портокалови детали е искористена за каросеријата на концептот. Оттогаш Alfa Romeo започна да придава внимание на екстравагантните бои и посебните техники на боење за уште повеќе да се истакне единственоста на марката.

Истото експериментирање со колоритетите продолжи и со моделот Montreal чија приказна е уникатна. Кога Канада во Монтреал ја организираше светската изложба во 1967 година, Alfa Romeo беше поканет да учествува со технолошки симбол на манифестацијата – модел кој ќе ги претстави највисоките цели на модерниот човек кога се во прашање автомобилите. Италијанската компанија побара помош од Бертоне кој за тоа го задолжи Гандини. Резултатот беше извонреден, а концептот кој немаше име, од публиката беше наречен Montreal. Заради силната реакција беше одлучено да се развие сериска верзија која беше готова за салонот на автомобилите во Женева 1970-та година. За разлика од оригиналниот концепт имаше V8 мотор изведен од оној од Tipo 33, со зголемен работен волумен на 2,6 литри и 200 KS.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *