Автомобил за кој никој повеќе не зборува
» Во напливот на нови модели, со носталгија се сеќаваме на времињата кога автомобилите ги правеа (и купуваа) тие што ги сакаа. Еден таков е и Alfa Romeo 155 Q4, за кој денес никој не би се осмелил ниту да помисли да понуди на пазарот такво нешто. Рака на срце тоа и во деведесеттите години од минатиот век не беше така лесно, но Alfa Romeo тогаш беше Alfa Romeo и можеше да си дозволи така да размислува и делува.
За Alfa 155 Q4 не може да се зборува во суперлативи бидејќи не е таков, но не осмелувајте се на некого што добро го познава да му го кажете тоа. Елеганцијата на дизајнот му беше како на шифоњер, а практичноста за секојдневна употреба како кај газјена ламба. Но затоа во себе ги криеше најдобрите гени од Alfa Romeo, измешани со оние на Fiat како матична компанија и Lancia како уште еден нејзин дел. Поинаку и не може бидејќи технички гледано 155 Q4 е Delta HF Integrale во друго пакување. Направен да створи завист кај другите, во познатата и далеку од убава но надмено моќна клинеста каросерија инженерите на Alfa ги вградија моторот и целата погонска механика од шесткратниот светски шампион во рели.
Тоа значеше дволитарски турбо мотор со 190 коњи и погон на сите тркала кој се остваруваше преку три диференцијали со различна конструкција, што е доказ за техничката педантерија на инженерите што го имаат обмислено системот. Перформансите кажани на хартија во денешно време не звучат којзнае колку уверливо (забрзување до 100 km/h за 7 секунди и максимални 225 km/h), но затоа возењето со неа беше незаборавно, не само заради електронски приспособливото ослонување. Но тоа единствено можат да го знаат само 2.700-тините нејзини купувачи, меѓу кои беа и службениците на финансиската полиција на Италија кои ги користеа во својата антитерористичка единица за брз одговор.