Tags: ,
Alfa Romeo и формула 1

Прв во сé

» Врската меѓу Alfa Romeo и формула 1 е запишана во историјата со големи букви – возачите на италијанската марка ја освоија првата трка која во 1946-тата се возеше под новите правила кои го дефинираа идниот шампионат, потоа наредната сезона која иако неофицијално беше прва во формула 1, како и официјално првата трка 1950-тата и првата сезона од новиот шампионат. Едноставно, доминираа во сé. Тогаш, во педесеттите години времињата беа сосема поинакви. Немаше технологии, возачите беа мајстори зад воланот кои од механиката извлекуваа повеќе од максимум, а публиката беше распоредена така што стоеше долж патеката. Денес е сосема поинаква ера, но страста е заедничка и за тогаш и за сега.

Формула 1 не би била иста да не беше Alfa Romeo. И тоа не е случајно – тркачкиот модел 158 Alfetta од 1938-мата беше технолошки бисер. Осумцилиндричниот реден мотор со работна зафатнина од 1,5 литри со компресор и троен карбуратор беше моќен, подготвен за моментално забрзување и апсолутно издржлив. Имаше две брегасти оски во главата, а користењето на лесни легури овозможи неговата тежина да се намали на само 165 килограми. Менувачот беше сместен во исто куќиште со диференцијалот на задната оска, што овозможување пооптимална дистрибуција на тежината. Втората светска војна ги прекина истражувања и нагло го запре развојот, но техничките решенија беа доволно напредни да бидат актуелни и во послевоениот период.

А малку фалеше да заминат во историјата заедно со воениот виор. Имено, во окупираниот  Милано во 1943 година постоеше ризик возилата од фабриката на Alfa Romeo да бидат одземени како воен плен, заради што работниците поддржани со бројни љубители на марката и воопшто автомобилите решија во тајност да ги сокријат. Но токму кога камионите натоварени со нив се подготвуваа да тргнат, на капијата на фабриката се појави германска патрола. За среќа тест возачот на Alfa Romeo Пјетро Бонини кој беше Швајцарец и живееше некое време во Берлин, настапувајќи самоуверено на совршен германски јазик и мавтајќи со безбедносната дозвола во рацете, успеа да ја спаси ситуацијата. Возилата беа однесени во гаражи и амбари и оставени скриени зад лажни ѕидови и купишта дрва и сено да дочекаат подобри времиња. Недолго после крајот на војната тие беа вратени во фабриката и внимателно обновени беа подготвени веднаш да започнат да нижат победи. Иако на патеките имаше само минимални услови за тркање, пораката сепак беше сосема јасна – Alfa Romeo 158 Alfetta и понатаму беше победнички автомобил.

Стартот беше фантастичен – големата награда на Велика Британија на Силверстоун 1950-та официјално беше прва трка од првиот светски шампионат во формула 1. Нациите кои до пред некоја година крваво војуваа една против друга се сплотија за овој спортски настан. Во прашање беше историски момент, а се испостави и дека ќе биде историски триумф за Alfa Romeo – на стартот на трката се наредија четири нивни болиди, нормално сите од моделот 158 Alfetta. Слично беше и на целта каде монополот на подиумот го имаше токму италијанската марка – Џузепе Нино Фарина кој тргна од пол-позицијата и имаше најбрз круг стигна до победата, втор и на стартот и на целта беше Луиџи Фаџоли, а трет Британецот Рег Парнел кој стартуваше од четвртата позиција зад Хуан Мануел Фанџо кој пак не ја заврши трката бидејќи на осум круга пред крајот започна да му тече масло од  моторот.

Со тоа беше создаден тимот 3Ф – Фарина, Фанџо и Фаџоли чии возачки способности поддржани од комбинацијата на извонредната брзина, управливоста и издржливоста на 158 Alfetta стигнаа до ѕвездените моменти правејќи го моделот олицетворение на врвните достигнувања на автомобилските технологии од тие времиња. А тој кога беше претставен 1938-ма година имаше 185 KS, кои во поновата верзија после војната со помош на двостепен компресор нараснаа на 275. Но и тоа не беше доволно така што до крајот на сезоната силата му се искачи на 350 коњи кои ги остваруваше при 8.600 вртежи во минута. Тоа заедно со екстремно ниската тежина на болидот на 3Ф тимот му обезбеди супериорност која донесуваше победи – Alfa Romeo ги освои сите трки од шампионатот освен онаа во САД каде Европјаните не учествуваа.

Време беше за подготовките за наредната сезона и на последната трка од шампионатот 1950-та година Alfa Romeo ги испроба новите технички ресурси на моделот 159 Alfetta. Неговото деби, нормално, заврши со победа, а зад воланот беше Фарина кој со тоа стана прв светски шампион во формула 1. Остра борба но овојпат со Ferrari се водеше и во сезоната 1951-ва, која беше одлучена дури на последната трка. Иако после 17 години феноменалниот мотор на Alfetta го достигнуваше крајот на својот потенцијал за иден развој, техничарите на марката успеаја да ги исцедат последните капки дополнителна сила која достигна 450 коњи. Благодарејќи на целиот тој труд и исклучително талентираните возачи, Alfa повторно триумфираше, овој пат со Фанџо како шампион.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *