Малиот рекордер
» Abarth важи за едно од најпрестижните имиња во историјата на италијанската автомобилска индустрија. Секој негов модел ги возбудуваше автомобилските фанови, посебно прототипите како што е виткиот 1000 Monoposto Record Pininfarina кој со својот аеродинамичен настап во потполност ја покажува моќта на соработката со Fiat и Pininfarina. Со цел да ги истакне квалитетите на двоцилиндричниот погонски склоп на малиот 500 лансиран 1957 година, италијанскиот производител на стручњаците на Abarth им довери да направат прототип со високи перформанси. Ним не им беше тешко да направат лесен и аеродинамичен спортски автомобил со едно седиште, цевкаста шасија и тенко тело креирано во соработка со студиото Pininfarina.
Како успесите на патеките се нижеа така автомобилот еволуираше сé до 1960 година кога дојде до екстремна промена – по диктат на аеродинамиката опашката беше изменета и во облик и во должина. Новата каросерија ослободена од долгите задни перки кои беа користени претходните години беше пократка заради намалувањето на превисите. Освен тоа автомобилот беше опремен со нов двоцилиндричен мотор со зафатнина од еден литар кој без турбо компресор испорачуваше вкупно 108 коњски сили. Тие беа заслужни Abarth 1000 Monoposto Record Pininfarina на патеката Монца да собори низа рекорди.