Tags: , ,
Возила со странски регистрации

Како другите се справуваат?

» За почеток едно појаснување – секаде во светот, било тоа да е во рамките на некаква царинска или политичка унија како што е европската, ова прашање е регулирано на национално ниво. Тоа значи дека ниту во Германија, Бугарија или каде и да е, не можете неограничено, како домашен граѓанин или странец, да користите возило со туѓи регистарски таблички. Тоа едноставно подлежи на царинските прописи, кои во основа се разликуваат од земја до земја но во суштина се исти и го ограничуваат тоа право на секого, без разлика кој е и од каде е тоа што го вози. Казните скоро без исклучок се драконски и во најнеповолниот случај предвидуваат одземање на возилото – теоретски привремено бидејќи тоа ќе биде вратено на неговиот вистински сопственик. Но практично ова може да значи и трајно одземање затоа што тоа може да биде и прекршителот на прописите, или пак ако возилото е на туѓо име глобата што треба да се плати ја надминува вредноста на возилото.

Како пример ќе ја земеме Хрватска, каде како нова членка на Европската Унија сé уште постојат сериозни нејаснотии околу тоа кој што може да вози со странски таблички. Не би требало, бидејќи прописите се јасни – граѓанин на Хрватска на територијата на Хрватска може да управува само со возило со хрватски таблички, а странски граѓанин само со странски, со ретки исклучоци како во случај на рент-а-кар возилата. Привремено, но максимум до половина година, можно е туѓи граѓани или пак домашни кои имаат или работат во странство за фирма во странство, да користат странско возило. Но само половина година – после тоа ги фаќа друг параграф кој не е директно поврзан со возилата туку со местото на престој, но резултатот е ист – направен е царински прекршок.

Ние Балканците можеби сме мајстори за изнаоѓање дупки во законите и кривини меѓу нив, но од овие, верувајте, нема излез – на крај цехот ќе се плати. А тој по правило е во висина на неплатените давачки доколку возилото било увезено по редовен пат, плус износот на казната која во Хрватска се движи од 670 дури до 13.300 евра, па… Колку за илустрација, лани во Хрватска за вакви прекршоци, додуша со минимален износ, биле глобени околу 600 нивни граѓани. Да не биде утеха тоа што ние не сме Хрватска и не сме членка на ЕУ – кај нас прописите во некои свои сегменти се дури и построги, фали уште само некој да контролира кој ги вози сите оние странски возила кои ги има на нашите улици.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *