Новото електрично доба на Renault ќе стартува од Минхен
» Со полно име Megane E-Tech Electric, или пократко MeganE, новиот електричен Renault ќе ја има премиерата на салонот на автомобилите во Минхен на почетокот на септември. Тој ќе го означи почетокот на новото доба за француската марка, кој ќе биде засилен и со прототипот на идниот R5. Како што е познато од пред месец дена кога беше покажана неговата претпроизводствена верзија, новиот MeganE ќе ја користи CMF-EV платформата на алијансата на која е поставен и нему сродниот Nissan Ariya. Со него тој ќе има и други заеднички нешта, пред сé концепциски бидејќи ќе биде еден вид мешавина меѓу кросовер и хечбек со благи купеовски линии. Според досегашните информации понудата ќе стартува со електромотор со 218 KS во комбинација со батерии од 60 kWh кои ќе обезбедат автономија од 450 km.
Што се однесува до дизајнот од фотографиите се гледа дека Renault ја има исфрлено класичната предна маска задржувајќи го само амблемот на марката. Светлата се потенки, ветробранското стакло позакосено, а крилата помускулести. Од кабината може да се забележи само по некој детаљ, но сигурно е дека кокпитот ќе биде дигитален, бројот на копчиња сведен на апсолутен минимум а екранот на инфо-забавниот систем најверојатно вертикално ориентиран. Се очекува MeganE во продажните салони на Renault да пристигне на почетокот на идната година, по цени кои ќе ги диктира конкуренцијата.