Tags: ,
Многу алуминиум и уште повеќе коњски сили

Само за автомобилските гурмани

» Светот на автомобилите познава многу легендарни имиња, но малку од нив живеат со децении. Посебно не оние најскапите, меѓу кои спаѓа и SL-класата на Mercedes. Се појави во 1954 година и веднаш го окупира вниманието на автомобилските гурмани, не само со своите врати кои се отвораа нанагоре како галебови крилја. Тие не опстанаа во втората генерација, но имиџот што овој автомобил го создаде беше зацементиран. За да и понатаму остане така, Mercedes точно знае каква треба да биде секоја негова нова генерација.

Идната која ќе се појави наскоро ќе биде седма или осма по ред, зависи како броите. За неа Германците подготвија многу нови и супернапредни технолошки решенија, кои едно по едно, на лажичка, им ги претставуваат на светот. Сега тоа го сторија со платформата на самото возило, која се состои од просторна рамка со самоносечка структура изработена од алуминиум со примена на челик, магнезиум и композитни материјали. Благодарение на тоа тежината на скелетот што го гледате на фотографиите е сведена на само 270 килограми, а крутоста зголемена за меѓу 40 и 50 отсто.

Од Mercedes нагласуваат дека новиот SL нема да наследи скоро ништо од својот претходник, од кој ќе се разликува и по тоа што нема да има тврд преклоплив покрив туку тој ќе биде направен од платно. За прв пат ќе има погон на сите тркала, а ќе го загуби големиот V12 мотор. Сила сепак нема да му недостасува бидејќи се очекува топ верзијата да има преку 800 плаг-ин хибридни коњски сили. Точниот датум за негово претставување не е познат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *