Tags: , , ,
Audi A6 e-Tron (видео)

Струен удар

» За почеток мало појаснување – PPE платформата е четврта која Audi ќе ја користи за своите електрични возила, развивана заедно со Porsche за нивните соодветни модели. Тоа значи дека остатокот од Volkswagen групата најверојатно нема да ја користи, што на инженерите им даде слобода да ја направат според тертипите на марките што ги застапуваат, без компромиси. Затоа и A6 e-Tron на салонот во Шангај блескаше со поголем сјај, кој требаше да ја заслепи конкуренцијата која во моментов предводи во овој сегмент.

Но очигледно не за долго – единствено што овој концепт дели со традиционалниот A6 се димензиите. Оваа храбра изјава на челниците на германската компанија е базирана на тоа што сегашниот А6 после наредната генерација ќе се пензионира и ќе биде заменет со електричен модел. А тој најверојатно ќе биде токму серискиот автомобил кој ќе произлезе од концептот што го гледаме, чија платформа ќе биде искористена и за идните Q5 e-Tron, Q6 e-Tron и Macan, кои се очекуваат во втората половина на 2022 година.

Мала забуна околу стратегијата на марката за иднина во поглед на дизајнот предизвикува неговата Sportback каросерија, која досега ја среќававме кај A7. Но сé друго останува верно на познатиот дизајнерски јазик – традиционалните остри агли и аеродинамични линии веднаш ни кажуваат дека се работи за некој Audi. Овој конкретно има коефициент на отпор на воздухот од 0,22, што е постигнато со агресивниот дифузор кој го насочува струењето така да ја намалува турбуленцијата. Предната маска, како и што треба кај секој електричен автомобил, е затворена.

Што се однесува до погонскиот систем, се наведуваат батерии од 100 kW сместени централно, кои се полнат на 800 волти, што овозможува за 10 минути да се исцрпи струја доволна за 300 километри. Автономијата на овој концептен автомобил е малку поголема од 700 километри, а максималната моќност изнесува вкупно 503 KS со вртежен момент од 800 Nm. Погонот, нормално, е на сите тркала, но скоро сигурно е дека во основните изведби серискиот модел ќе има само еден електромотор и една погонска оска.

За крај, автомобилите на Audi базирани на PPE платформата ќе се произведуваат во Европа и Кина во соработка со First Automobile Works (FAW), додека оние на Porsche само во Германија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *