Вселенско комби за овоземни купувачи
» Изгледа како концепт за некои дебели идни времиња, но не е – Hyundai Staria e комби кое ќе започне да се продава во втората половина од годинава, но само во Азија и Австралија, пласман во други региони засега не е планиран. Тоа и не чуди со оглед на неговиот вселенски изглед, кој европските или американските купувачи тешко ќе можат да го сварат. На масивниот преден дел доминираат празните површини и големата маска во која се интегрирани главните ЛЕД светла, а над амблемот на марката се протега ЛЕД лента која служи како дневни светла и трепкачи. Силуетата е коцкаста со геометриски чисти површини и линии, исто како и задниот дел кој футуристичкиот изглед го добива од вертикално, скоро по целата височина извлечените светла, исто така ЛЕД.
И ентериерот ја следи истата филозофија, со чисти линии од кои отскокнуваат двата екрани – за инструмент таблата и инфо-забавниот систем. Во должината од 5,25 метри има простор за најмногу 11 патници, а во доставната верзија со 2 или 3 седишта за дури 5 кубни метри товар. На располагање ќе биде со два мотора – 2,2 литарски дизел со 174 KS со шестстепен мануелен или осумстепен автоматски менувач и со 3,5 литарски бензинец со 268 KS кој ќе доаѓа само со автоматика.