» , ,
Зошто Ford го укинува Mondeo?

На средната автомобилска класа ѝ претстои катастрофа

» Освен Mustang, во Америка Ford веќе не продава обични автомобили – целокупната понуда е составена од SUV модели и пикапи. Не е ни чудо зошто, бидејќи овие два типа возила опфаќаат 70 отсто од продажбата таму, а останатите 30 се делат меѓу сите други – хечбеци, седани, спортски возила, моноволуменци… Во Европа тоа не е случај, но после укинувањето на американскиот пандан на Mondeo, моделот Fusion, Ford реши од идниот март да го пензионира и во Европа, без директен наследник – ќе биде заменет со еден вид караван налик на кросовер. Причината за тоа повторно се бројките, овој пат малку поинакви, но еднакво неповолни за средната автомобилска класа.

Имено, според Ford, од 2000-тата година наваму оваа класа загуби околу 80 отсто од волуменот. Лани продажбата на овој сегмент во Европа опадна за 29 отсто, на 297.863 возила, што е повеќе од просекот на пазарот кој изнесуваше 24 отсто. Mondeo е број 4 на листата најпродавани во оваа класа со пласирани 21.053 единици, што пак е за цели 48 отсто помалку отколку во 2019-тата. Ист процент на опаѓање има и третопласираниот Peugeot 508 со продадени 28.741 автомобил, додека Škoda Superb е втора (60.254, -13%). Прв е Passat со 115.763 продадени возила, што е за 7 отсто помалку. Но и покрај сосема добрите бројки, Volkswagen во 2023-тата ќе го исфрли од гамата, оставајќи ја само неговата караванска верзија во понуда. Пазарна празнина сепак нема да остави, бидејќи ќе го замени со нова електрична лимузина кој на основа на концептот ID.Vizzion се развива под името Aero.

Испрати коментар

Вашата е-мајл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *