Втора титула за Yaris, трета за Toyota (видео)
» Жирито за избор на автомобил на годината во Европа ги објави резултатите од своето гласање – престижната титула за 2021 година ја освои Toyota Yaris. Со освоени 266 бода јапонскиот субкомпактен модел кој за Европа се произведува во Франција ги победи Fiat 500 кој освои 240 и Cupra Formentor со 239 бодови. Во финалето уште учествуваа и Volkswagen ID.3 (224 бода), Škoda Octavia (199 бода), Land Rover Defender (164 бода) и Citroen C4 (143 бода). Ова е втора титула за Yaris (првата ја освои кога се појави во 2000 година заедно со неговата моноволуменска верзија Yaris Verso) и трета за Toyota (Prius, 2005).
Наградата „Автомобил на годината“ во Европа се доделува од 1964 година. За неа одлучува жири составено од 59 автомобилски новинари од 22 земји. Секој од нив има на располагање 25 бода кои треба да ги подели најмалку на пет автомобили, при што најмногу на некој може да додели 10 бода. Минатогодишен победник беше Peugeot 208.