Заедно сме посилни!
» Освен електричниот C-HR за Кина лансиран годинава и нов SUV на Lexus планиран за идната, Toyota нема планови за производство на електрични возила до 2025 година. Но тука е Peugeot кој прискокна на помош и поддржано од постоечкиот договор за комерцијална соработка во доставниот сегмент, дилерската мрежа на јапонскиот производител во Европа ќе започне да нуди и еден електричен модел. Тоа е ProAce Verso Electric, братучед на веќе познатите електрични верзии на Peugeot Expert, Citroen Jumpy и Opel Vivaro.
Исто како нив е задвижуван со електромотор со 136 KS и 260 Nm и доаѓа со два пакета батерии. Основната верзија има 50 kWh и автономија од 230 km (според WLTP нормите), а посилната 75 kWh и способност за поминување 330 km. Брзината електронски е ограничена на максимални 130 km/h, а приклучени на брз полнач до 80% од капацитетот можат да се наполнат за 30 односно 45 минути. Toyota ProAce Verso Electric ќе биде на располагање со три должини и четири изведби на каросеријата (Combi, Shuttle, Family и VIP, со 5 до 9 седишта), а во зависност од верзијата зафатнината на товарниот простор изнесува 280, 640 или 1.060 литри, со сите седишта во позиција за користење. Опременоста е на ниво на какво сме навикнале од марката, а продажбата ќе стартува веќе овој месец. Првите испораки сепак ќе бидат во февруари идната година. Цените не се објавени.