Комби револуција
» Отсега, комерцијалната гама на Renault е побогата за уште едно име – Express. Со него ќе се нарекува поскромната варијанта на Kangoo, за која во своето соопштение за јавност Французите не докрај објаснуваат по што сé ќе се разликува. Но како и да е, сé што споменуваат – Kangoo, Kangoo Van, Express, Express Van и Kangoo Z.E. на пазарот ќе се појави во првата половина на идната година.
Фотографиите покажуваат нов преден дел инспириран од поновите модели на марката, кој некако потсетува на Dacia. Се гледаат и лизгачки врати кои сигурно нема во сите изведби да ги има од двете страни, инаку би ни покажале и некоја фотографија на која се гледа силуетата на новите модели и од страната на возачот. А тој на располагање ќе има повеќе познати но и нови технологии, меѓу кои и дигитален ретровизор, помош при влечење приколка и друго. Освен дека ќе има и електрична верзија, нема детали за моторизацијата на новата комерцијална гама. Од неа Kangoo во патничка и доставна верзија со нормално и продолжено меѓуоскино растојание ќе се произведува во Франција, а Express верзиите во Мароко, од кои доставната ќе биде достапна во Европа, а патничката не.