Волк во овча кожа
» Овој волк не доаѓа од Волфсбург, ама не е далеку од таму иако во изводот на родени му пишува друга адреса. Таа се наоѓа во Чешка, каде Škoda е национална легенда, статус кој го има заслужено со бројни модели меѓу кои еден од најистакнатите е 130 RS, на некои од нас познат во својата помалку брутална верзија 110 R. Кој не знае, се работи за атрактивно купе од седумдесеттите години налик на Porsche 911.
Токму неговиот дух малата компанија Hoffman & Novague во 2015 година реши да го реинкарнира со користење на современата механика од групата VW, каде Škoda припаѓа. Искористена е основата на првата генерација на Audi R8 (кој не е ништо друго освен Lamborghini Gallardo со поинаков облик), на која е надградена каросерија која недвосмислено асоцира на легендата 130 RS, патем кажано произведена во само 65 примероци меѓу 1977 и 1982 година. Благодарејќи на V8 моторот, тој со своите 4,2 литри и 420 коњи е способен за акробации какви што гледате во видеото. Ако ви требаат бројки како доказ, тогаш забрзувањето до 100 km/h трае 4,6 секунди, а максималната брзина изнесува 300 km/h.
Задоволни од сработеното, во Hoffman & Novague имаа план да направат мала серија од овој волк во овча кожа и да го продаваат за по 255.000 евра за примерок. Но, со текот на годините трагата на оваа компанија мистериозно се загуби, а легендата за Škoda 130 RS остана да се раскажува од колено на колено.