Електричниот хечбек пристигнува следната година
» Според она што го кажа новиот генерален директор на групата Renault Лука де Мео, од француската марка нé очекуваат многу новости. Но, една ги засенува сите – концептот на електричниот хечбек кој како сериски производ ќе пристигне следната година, Megane eVision. Тоа Французите го ветија со тврдењето дека концептот е 95% подготвен за производство, кое ќе се одвива во Франција. Ќе биде поставен на модуларната CMF-EV платформа развиена за електричните возила на француско-јапонската алијанса. Иако го носи неговото име нема да го замени Megane од две причини. Првата е што неговата сегашна четврта генерација е преставена во 2015-тата и прерано е за замена, а втората е што идниот електричен хечбек ќе биде нешто помал – концептот конкретно за 15 сантиметри, со што (пре)многу се доближува до габаритите на Volkswagen ID.3.
Дека тоа е амбицијата се забележува и од техничките податоци – електромоторот со 217 KS и 300 Nm и батериите од 60 kWh, најтенки на пазарот како што рекоа, без да кажат колку километри издржуваат. Сепак од германскиот конкурент ќе се разликува по погонот на предните тркала, кои до 100 km/h ќе се свртат за помалку од 8 секунди. Ако сé оди по планот се очекува конечната сериска верзија да биде понудена со различни големини на батерии и различна силина на електромоторот, но и да го задржи својот атрактивен изглед чии стилски елементи се позајмени од концептот Morphoz. Очигледно, VW ID.3 ќе добие силна конкуренција што Golf ја немаше во Megane.
Што се однесува до подалечната иднина, Renault се обврза до 2050 година да стане карбон-неутрален, а до 2030-та да ги намали емисиите на CO₂ за 50 отсто во однос на 2010 година. План е од 2022-рата сите нови модели да имаат целосно електрична или електрифицирана верзија и за 5 години да учествуваат со 50 отсто во вкупната продукција.