Освежување на понудата
» Citroen ја претстави актуелната генерација на C3 во јуни 2016 година и досега продаде повеќе од 750.000 примероци од него. Пазарниот успех беше мотив плус француската компанија следејќи ги трендовите да го дотера овој модел кој во моментов е најпопуларен во нивната гама. Се очекуваше благо разубавување бидејќи кога се работи за автомобил кој успешно се продава, производителите внимателно пристапуваат кон редизајн не сакајќи да претераат во промените и да ја доведат во прашање неговата привлечност кај целната група купувачи.
Токму тоа се случи и со малиот Citroen, кој како препознатлив стилски модел со единствен изглед отстапува од стереотипите на сегментот – промените се умерени и допадливи. Целокупниот дизајн е ревидиран незначително, при што најголемите визуелни разлики се на предниот дел. Светлата се ЛЕД и потполно нови, а се среќаваат и повеќе хромирани детали. Малку изменети се крилата и Airbump заштитните перничиња поставени на бочните страни, а главното освежување се побогатите можности за персонализација – новите бои, повеќе нивни комбинации и графички пакети. Со оглед дека дури 65 отсто од купувачите во Европа го бираат својот C3 со двобојна каросерија, не е за изненадување што Citroen го зголеми изборот од 36 на дури 97 комбинации, добиени со седумте нови бои на каросеријата, четирите нијанси за покривот и исто толкуте декоративни пакети.
Во внатрешноста сега се среќаваат Advanced Comfort седиштата познати од поголемите модели C4 Cactus и C5 Aircross, материјалите се помеки, а инфо-забавниот систем е со нови можности, вклучително и препознавање на глас. Списокот опрема го дополнуваат сензорите за паркирање на предниот дел, автономниот систем за кочење во критични ситуации и надгледувањето на возачот за замор и деконцентрација. Тука се и системите за стартување без клуч и препознавање на сообраќајните знаци, како и автоматските долги светла.
Моторната понуда ја сочинуваат 1,2 литарскиот трицилиндричен PureTech со 83 KS, неговата турбо верзија со 110 KS и 1,5 литарскиот Blue HDi дизел со 102 KS. Зависно од моторот се вградува мануелен менувач со пет или шест степени и EAT6 автоматика. Цените на освежениот Citroen C3 во Македонија започнуваат од 11.690 евра.