Кратка историја
» Корените на Zastava датираат до 1851 година кога во Крагуевац е основан воено-техничкиот завод со намена за производство на оружје, поточно ливница за топови. На почетокот на 20-век се започнува со ремонт и поправка на возила и производство на делови за нив, а во 1939 година и со монтажа на околу 400 воени камиони од марката Chevrolet. Компанијата после втората светска војна преименувана во Zavodi Crvena Zastava продолжува со производство на возила во 1953-тата кога нејзините погони ги напуштија 162 примероци Willys теренски возила. Истата година на 26 август е распишан референдум на кој 96 отсто од работниците се согласиле добивката што ја остваруваше фабриката за оружје да се насочи во авто-индустријата. Тој датум и официјално се смета за роденден на Zastava како производител на возила.
Следеше распишување конкурс за избор на странски партнер на кој покрај Willys и победникот Fiat се јавија и Renault, Delahaye, Alfa Romeo, Austin и Rover. Договорот со Италијанците беше потпишан 1954-тата по што веднаш се започна со производство на теренскиот AR-51 и патничкиот 1400, додека револуцијата започна наредната 1955-та со Фиќо. Првиот сопствен модел Zastava 101 со дебела помош на Италијанците беше направен 1971 година, а Yugo во 1980-тата означи ново поглавје во историјата на марката и компанијата која згасна во 2008 година. Дотогаш вкупно беа направени околу 4,1 милиони возила од кои 665 илјади се извезени во 84 држави. Рекордна година беше 1989-тата кога беа произведени 220.000 возила. Тогаш компанијата имаше 53.337 работници, а компоненти и делови за неа произведуваа 287 претпријатија од 152 града од Југославија.