Романскиот дел од приказната за Torpedo SRT
» Хрватскиот камион Torpedo SRT и денес претставува изненадување бидејќи за него многу малку се знае. А и тоа што се знае, во голема мерка е погрешно. Причини за тоа има две. Првата причина зошто Torpedo SRT е мистерија е воениот карактер на фабриката во Риека каде се произведуваше. Втората пак произлегува од договорот со романскиот производител Steagul Rosu (во превод Црвено знаме, подоцна преименуван во Roman) од каде пристигнуваа шасијата, менувачот и надградба, додека Torpedo вградуваше свој дизел мотор. Имено, договорот за соработка со Романците предвидуваше извозот на нивните камиони да оди преку пристаништето во Риека – на сликата го гледаме товарањето на романските камиони на брод. Заради тоа, таму од Романија заедно пристигнуваа и камионите за југословенскиот пазар (без мотор), и оние романските наменети за извоз. На изглед беа идентични и заради тоа во голем дел од информациите за Torpedo SRT се среќава токму таков податок – дека има бензински мотор, што не е точно. Точно е Steagul Rosu SR-113 Bucegi, како што се вика романскиот пандан на Torpedo SRT, започна да се произведува во 1964 година како замена за SR-131 Carpati. Од него ги има наследено петлитарскиот V8 бензински мотор со 140 коњски сили по лиценца на Ford, додека кабината му е дизајнирана од францускиот Chausson. Според достапните податоци тој постигнувал 90 километри на час и трошел 30 литри гориво. Подоцна во него се вградувал и дизел мотор со 135 KS произведен по лиценца на Saviem, како и разни агрегати на Perkins и Mercedes наменети за извоз, а некои имаа мотор од Torpedo.