Помалку познати моменти од историјата
» Основана во 1895 година, Škoda е еден од најстарите автомобилски производители во светот. Заради тоа и има богата историја, во добар дел сосема непозната. Доказ за тоа се и овие три возила кои покажуваат колку чешката марка на времето била напредна. Првото е автомобилот познат под името Křižík, кој потекнува уште кога Škoda не била Škoda туку Laurin & Klement. Настанат е во 1908 година кога инженерот и иноватор Франтишек Кршижик во големиот L&K E има вградено бензински мотор кој само ја произведувал струјата потребна за електромоторот кој пак ги задвижувал тркалата. Овој концепт денес познат како сериски хибрид тогаш воопшто не можел да заживее бидејќи не постоеле батериски системи кои ќе ја складираат струјата, заради што воопшто не бил практичен.
Второто возило е електричниот камион од 1938 година, наменет за разнесување пиво во Плзен. Има носивост од 3 тони, доста модерен аеродинамичен дизајн и оловни батерии монтирани во шасијата. Третото возило е можеби најинтересно бидејќи се работи за автомобил за деца од 1941 година. Наречен е Puck и постоеле две верзии – за помали и поголеми деца. Целосно е функционален, со вистински светла, брзинометар и ослонување на сите четири тркала. Батериите сместени зад седиштата и во предниот дел го дотерувале до 12 километри на час.