Приказна за хероите на брзината
» Од сулудо храбрите пионери од крајот на 19 век па сé до денешните ловци на четирицифрените бројки, фасцинантниот свет на брзинските рекорди содржи многу приказни – ова се некои од најинтересните. Токму како што децата кога ќе видат за нив некој непознат автомобил ќе се залепат за стаклото да ѕирнат колку е напишано на брзиномерот дека оди, така и малку постарите сакаат во пракса да го проверат тоа што го пишува во фабричките декларации. Оние пак со поголеми амбиции и расположливи средства ќе се обидат да ги подобрат тие бројки, со желба нивниот автомобил да биде побрз од другите. Така и ловците на брзински рекорди, чии обиди да влезат во легендите често се руски рулет на тркала.
Електромобил во 1899 година прв постигна преку 100 km/h
Белгијанецот Камил Женаци кој заради густата црвена брада имаше прекар Црвениот ѓавол беше еден од најзначајните возачи на трки во раните денови на автомобилизмот, но славата првенствено ја стекна со повеќекратното уривање на брзинскиот рекорд и беспоштедната борба за титулата најбрз возач во светот со Гастон де Шаслу-Лоба кој во 1898-мата со 63,15 km/h го има поставено првиот официјален светски рекорд. Тогаш и двајцата користеа електрични автомобили кои технички беа поразвиени од другите. Во таа борба Црвениот ѓавол наредната 1899 година со специјално за таа намена конструираното аеродинамично возило La Jamais Contente (во превод Никогаш задоволен) кое имаше два електромотора од по 34 коњски сили кои работеа на напон од 200 волти, постигна 105,88 km/h.
На пареа 205,44 km/h, рекорд кој траеше повеќе од еден век
На крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век парните, електричните и бензинските автомобили рамноправно се бореа за купувачите, но и за титулата најбрзи во светот. Парните автомобили неверојатно добро забрзуваа, дури и за денешни поими. Меѓу марките кои се истакнуваа беше и Stanley на чиј автомобил Фред Мериот во 1906 година на плажата Дејтона на Флорида, местото кое ќе остане легенда за автомобилизмот, возеше 205,4 km/h. Наредната година тој имаше лоша несреќа при проценета брзина од 230-240 km/h, после што се откажа од лов на рекордите. Интересно е дека неговиот рекорд во категоријата парни возила траеше повеќе од еден век – соборен е дури 2009-тата.
Rolls-Royce најбрз во воздух, на копно и вода
Во триесеттите години на минатиот век авионските Rolls-Royce мотори истовремено беа заслужни за светските брзински рекорди во воздух, на копно и вода. Најпрво во 1929 година хидроавионот Supermarine S6 на престижниот Schneider Trophy постигна рекорд од 575,5 km/h, со што започна ерата на владеењето на надмоќниот Rolls-Royce R V12 компресорски мотор кој од своите 36,7 литри беше способен да развие дури 2.800 коњски сили. Беа направени само 19 примероци од него, но вградени во авиони, болиди или чамци оставија длабока трага во историјата на соборувањето на светските брзински рекорди. Така после авионскиот, сер Малколм Кемпбел со Blue Bird во 1933 година на соленото езеро Бонвил постигна рекордни 438,48 km/h. Кемпбел неколку пати го подобруваше својот рекорд но тоа за него како не беше доволен предизвик и шест години подоцна во предвечерието на втората светска војна со чамец со ист таков мотор на едно езеро во Англија постигна 228,11 km/h. Ова се само дел од рекордите што возила – какви и да се – ги имаат постигнато со овој или други мотори на Rolls-Royce. Всушност и актуелниот рекорд на земја е во нивна сопственост.
Братска битка за рекордите
Шеесеттите години од дваесеттиот век целосно поминаа во духот на битката за најбрз човек на светот, главно водена на пресушеното солено езеро Бонвил во американската сојузна држава Јута. Главните протагонисти беа Крег Бридлав и Арт Арфонс. На почетокот тој заедно со неговиот полубрат Волт заеднички го конструираа Green Monster со кој во 1964-тата постигна 698,5 km/h, соборувајќи го само три дена стариот рекорд на Том Грин. Тој постигна 665 километри на час со болидот Wingfoot Express конструиран од Волт Арфонс кој требаше и да го управува но не можеше заради повредите на раката што претходно ги имаше здобиено поправајќи ги оштетувањата што Wingfoot Express ги претрпе за време на тестирањата и му го отстапи возачкото место на Грин.
Првиот човек побрз од 1.000 km/h
Гари Габелич кој беше дете на хрватски емигранти во САД започна да настапува во трки во забрзување уште на свои 16 години. И тоа успешно – освојуваше триумфи на тркачки патеки, солени езера и на вода во трки со глисери. При крајот на шеесеттите години беше ангажиран за возач на Blue Flame откако актуелниот рекордер Крег Бридлав бараше премногу пари а второизбраниот Чак Саба загина. Габелич во 1970 година на езерото Бонвил возеше со брзина од 1.001,667 km/h, поставувајќи рекорд кој траеше тринаесет години.
Побрзо од звукот
Забавувањето на трката за најбрз човек на земја беше последица на огромните трошоци за развој на возила за соборување на апсолутниот брзински рекорд кој сега го држи Енди Грин кој во 1997 година постигнувајќи со ThrustSSC 1.227,986 km/h за прв пат во историјата возеше со брзина поголема од брзината на звукот. Но затоа битката во разни помали поткатегории продолжи – токму Енди Грин со 563,4 km/h е светски брзински рекордер и со возило со погон на дизел гориво остварен во 2006 година со ракетата на тркала JCB Dieselmax постигнувајќи брзина од 563,998 km/h.
Светскиот рекорд на јавни патишта траеше осум децении
Германскиот возач sо италијанско потекло Рудолф Карачола кој на својот 14-ти роденден посака да стане тркач, ја оствари својата желба со помош на Mercedes. Освои доста трофеи за марката меѓу кои и еден сосема необичен – во 1938 година на автопатот Франкфурт-Дармштат со аеродинамично оптимизираниот W125 Rekordwagen постигна 432,7 km/h, поставувајќи рекорд за брзина на јавни патишта. Овој рекорд остана несоборен цели осум децении, до 2017-тата кога Никлас Лилја со Koenigsegg Agera RS на затворен автопат во Невада постигна само 12,9 km/h повеќе.
Најбрзиот градоначалник во светот
Еб Џенкинс (1883-1956) кој практично ги донесе ловците на брзината на соленото езеро Бонвил има поставено бројни светски рекорди од кои 15 сé уште се актуелни. Тој кога американската влада донесе забрана за одржување трки во текот на втората светска војна реши да се кандидира за градоначалник на Солт Лејк Сити. Како тркач беше толку популарен што победи на изборите без воопшто да одржи ниту еден говор и без да потроши ниту една паричка за кампања. Додека беше на функцијата од 1940 до 1944 година постави вкупно 21 рекорд. Специјалност му беа долгите маратонски исцрпувачки возења, некои и по повеќе дена без прекин.
И Хенри Форд беше светски рекордер
Можеби најнеочекувано име на листата светски рекордери е Хенри Форд. Во раните денови тој покажуваше склоност кон трките но само заради тоа што тоа тогаш беше наједноставен и доста ефикасен начин на јавноста да им ги претстави своите автомобили. Така тој половина година после основањето на Ford Motor Company, на почетокот на 1904-тата, со порано конструираниот тркачкиот модел со ознака 999 на едно замрзнато езеро постигна 147,05 km/h, што во тој момент беше најголема брзина во светот. Рекордот на Хенри Форд кратко траеше, но популарноста на автомобилите што го носат неговото име вечно.
Холивудски каскадери можеби први го пробија звучниот ѕид
Најконтроверзниот обид за соборување брзински рекорд се случи во 1979 година на соленото езеро Роџерс во склоп на воздухопловната база Едвардс во САД. Болидот Budweiser Rocket чиј конструктор беше холивудскиот каскадер Хал Нидам го возеше неговиот колега Стен Барет. Целта беше пробивање на звучниот ѕид. И замислете, успеаја – посматрачите кои беа близу го слушнаа тоа, а екипата утврди дека најголемата брзина била 1.190,377 km/h, но базирана на мерењата со уредите во самото возило подложни на тресење и вибрации. Резултатот беше пресметан и објавен дури осум часа по возењето, а воздухопловните сили чии радари го следеа настанот со неавторизиран и јавно необјавен документ го потврдија тоа. Се разбира, ваквиот рекорд официјално не е признат.