Ќе има ли F-150 и плаг-ин хибридна верзија?
» Дали е реално да се очекува најпопуларниот пикап во Америка да има и плаг-ин хибридна изведеница? Веројатно да – штом во јавноста се опипува пулсот за таква опција, тоа значи дека сериозно се разгледува. Причините се јасни – преминот од класичен бензинец во целосно електричен погон кај вакво возило би можел да е пазарно трауматичен, дури и кога меѓу нив се нуди обична (не плаг-ин) хибридна верзија. Затоа еден плаг-ин хибрид кој комбинира V6 или V8 бензинец со електромотор може успешно да ја одигра улогата на „амортизер“ додека не се случи целосната електрификација на моделот.
Интересно е дека првите шпекулации што се појавија за евентуалната PHEV верзија на F-150 споменуваа електрична автономија од едвај 10 милји (16 km). Нормално, реакциите на тоа не треба да ви ги кажуваме. Потоа следеше демант од Ford дека воопшто не се планира плаг-ин хибриден погон на овој модел, за на крај шпекулациите да се „корегираат“ со споменување на 444 коњи моќниот погонски систем од Explorer со 3,0 литарски EcoBoost V6, 10-степен менувач и електромотор вгнезден меѓу нив. За напоменување е дека ова не беше демантирано од Ford.